Elena Trenchevska Chekovikj
19 Ноември 2025•Ажурирај: 19 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Македонската фудбалската репрезентација вечерва претрпе тежок пораз од Велс на гостувањето во Кардиф, со резултат од 7:1, во рамките на Групата Ј од европските квалификации за Светското првенство 2026, пренесува Анадолу.
Со овој меч заврши серијата од 14 натпревари без пораз на официјалните натпревари.
Велс со оваа победа го осигура второто место во групата зад Белгија, додека македонската репрезентација, која беше непоразена до овој дуел, заврши на третото место.
Македонската репрезентација сепак ќе игра во баражот за Светското првенство, благодарение на пласманот во Лигата на нациите.
Велс доминираше од самиот почеток и поведе благодарение на пеналот на капитенот Хари Вилсон во 18-тата минута. Само три минути подоцна, Дејвид Брукс постигна гол носејќи го резултатот до 2:0. Надежта за подобар резултат за Северна Македонија се појави во 23-тата минута со голот на Бојан Миовски по брилијантната асистенција на Дарко Велковски. Во 37-мата минута, Бренан Џонсон го зголеми водството на Велс, додека во 57-мата минута, Даниел Џејмс ја затресе мрежата на Столе Димитриевски, постигнувајќи го четвртиот гол. Во финишот, Вилсон постигна уште два гола (во 75-тата и 81-тата минута), додека конечниот резултат го запечати Натан Бродхед во 88-мата минута.
Во вториот натпревар од Групата Ј, Белгија однесе убедлива победа против Лихтенштајн со резултат од 7:0.
Конечната табела изгледа вака: Белгија 18 бода, Велс 16, Северна Македонија 13, Казахстан 8, Лихтенштајн 0.