Dejan Maksimovic
26 Февруари 2020•Ажурирај: 27 Февруари 2020
ЛОНДОН (АА) - Френк Лампард, менаџерот на Челзи, по синоќешниот тежок пораз од Баерн со резултат 0 : 3 во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампиони истакна дека ривалот бил на фантастично ниво, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Баерн со триумф во Лондон пристигна блиску до пласман во четвртфиналето, но она што го загрижува Лампард е тоа што го прикажал неговиот тим.
„Тоа е фудбал на ова ниво. Баерн беше на фантастично ниво. Тие се навистина јак тим и знаевме дека нè чека тешка ноќ ако не ги поправиме сите недостатоци и не дадеме сè од себе. Не дадоа сите сè од себе. Не бевме сигурни на топката. Тоа беше моето најголемо разочарување од почеток до крај. Тоа понекогаш може да се случи во напната атмосфера кога сите очи се вперени кон вас, така што ова на играчите им беше остра лекција за нивото на кое сакаме да дојдеме“, изјави Лампард за британските медиуми.
Головите за Баерн ги постигнаа Серж Гнабри во 51. и 54. минута и Роберт Левандовски во 76. минута. Реванш-натпреварот меѓу германскиот и англискиот претставник ќе се игра на 18 март во Минхен.