Dejan Maksimoviç
16 Мај 2019•Ажурирај: 17 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Френк Лампард, некогашен фудбалер на Челзи и репрезентацијата на Англија, во првата тренерска кариера го доведе Дерби Каунти недалеку од пласманот во Премиер лигата. Славниот клуб, кој е еден од 12-те основачи на лигата во Англија во 1888 година, на пласманот во англиската елита чека дури 11 години, а сега од тоа го дели уште дуелот со Астон Вила на „Вембли“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Дерби синоќа одигра феноменален натпревар во реваншот на полуфиналето од плејофот на Првенството против Лидс Јунајтед. По поразот на домашен терен со резултат 0:1, славеше со 4:2 и се пласира во финалето.
„Имавме заостанување од 0:1 и сите нѐ отпишаа. Ни даваа минимални шанси дека ќе поминеме. Сите зборуваа за тоа дека трипати нѐ победиле оваа сезона. Меѓутоа, направивме некои промени и тоа одлично функционираше, но со тоа беше потребна и храброст, а момците тоа го покажаа. Има уште доста работа пред нас, ова не е крај. Ќе имаме тежок натпревар против брилијантниот тим Астон Вила, но најважно е дека ќе бидеме таму“, изјави Лампард по големиот триумф на „Еланд Роуд“.
Со оглед на прекрасните игри на Дерби оваа сезона во англиското Првенство, одредени островски медиуми веќе го гледаат Лампард како нов менаџер на Челзи, бидејќи наводно на Италијанецот Маурицио Сари му се подготвува отказ.
Дерби Каунти, кој е основан во 1884 година, двапати беше шампион на Англија, последен пат во 1975 година. Во клупските витрини има и пехар на ФА-купот и Суперкупот на Англија.
Лампард, за време на играчката кариера настапуваше за Вест Хем, Сванси Сити, Челзи, Манчестер Сити и Њујорк Сити. Најславни моменти доживеа со Челзи со кој освои три титули на шампион на Англија, четири ФА-купа, и по два Лига-купа и Суперкупа. На европската сцена дојде до пехарот на Лигата на шампиони и Лига на Европа. За репрезентацијата на Англија одигра 106 натпревари и постигна 29 гола.