Bedrudin Brlyavac
04 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
АНКАРА (АА) - Вчера се одиграа два натпревари од четвртфиналето на Лигата на шампиони на Европа. Значајни победи извојуваа екипите на Реал Мадрид и Баерн Минхен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Реал Мадрид како гостин на стадионот „Алианс“ во Торино го декласираше Јувентус со резултат 0:3.
Реал поведе во 3. минута со голот на Кристијано Роналдо, по асистенција на Иско. Првото полувреме заврши со резултат 1:0.
Гостите ја зголемија предноста во 64. минута со прекрасниот погодок на Роналдо, постигнат со ножички на асистенција на Дани Карвахал.
Јувентус во 66. минута на теренот остана со играч помалку, откако Пауло Дибала доби втор жолт, и со тоа автоматски црвен картон.
Само шест минути подоцна, Реал ја зголеми предноста на 0:3 со голот на Марсело на асистенција на Роналдо, кој со својата игра го одбележа првиот дуел меѓу овие две екипи во четвртфиналето на Лигата на шампиони.
До крајот на натпреварот немаше уште голови, а Реал извојува значајна победа со која речиси го осигура својот пласман во полуфиналето на Лигата на шампиони.
На вториот натпревар, Севиља на домашен терен, на стадионот „Рамон Санчез Пизхуан“ загуби со резултат 1:2 од екипата на Баерн Минхен.
Севиља поведе со 1:0 во 31. минута со голот на Пабло Сарабја, но Баерн успеа да изедначи во 37. минута со автоголот на Хесус Навас. Првото полувреме заврши со резултат 1:1.
Гостите сепак успеаја да поведат со 1:2 во 68. минута, преку голот на Тијаго Алкантара на асистенција на Франк Рибери.
Со овој резултат заврши натпреварот, а Баерн извојува важна победа пред реваншот во Минхен.
Реванш-натпреварите ќе се одиграат на 11 април.
Денеска ќе се одиграат преостанатите два натпревари од четвртфиналето на Лигата на шампиони, меѓу екипите на Барселона - Рома и Ливерпул - Манчестер сити. Натпреварите започнуваат во 20:45 часот.