Doğa Kırmızıoğlu
12 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
АНКАРА
Во финалето на американската Национална кошаркарска лига (НБА), Лос Анџелес Лејкерс синоќа го совлада Мајами Хит со 106:93 и со 4:2 во меѓусебните дуели од финалето, по пауза од 10 години, стана новиот шампион на НБА, освојувајќи ја својата 17. шампионска титула, известува Агенција Анадолија (АА).
Синоќа се одигра шестиот натпревар од финалето на НБА во 4 победи. Поради пандемијата на коронавирусот, натпреварите се играа во спортскиот комплекс „ЕСПН Вајд ворлд“ во американскиот град Орландо. Во првата четвртина од натпреварот Лејкерси направија предност од 28:20. Втората четвртина Лејкерси ја добија со 36:16 и на полувреме заминаа со резултатот 64:36.
Третата четвртина заврши со резултат 23:22, а во последната четвртина Мајами Хит направи мал пресврт и ја доби со резултат 35:19, но тоа не беше доволно за да се надомести големата предност на Лејкерси, кои излегоа како победник од овој дуел со резултат 106:93 и на клубот му ја донесоа 17. титула шампион на НБА.
- Џејмс се запиша во историјата
НБА и олстар-ѕвездата Леброн Џејмс на овој натпревар прикажа извонреден перформанс постигнувајќи трипл-дабл од 28 поени, 14 скока и 10 асистенции. Оваа извонредна игра на Џејмс му ја донесе титулата МВП на НБА во финалната серија, титула што ја освојува по 4. пат.
Џејмс против Мајами Хит го одигра својот 260. плејоф-натпревар во кариерата, поставувајќи нов рекорд. Во исто време, Џејмс според освоените МВП-титули се наоѓа веднаш зад легендата Мајкл Џордан (6). Триесет и петгодишниот Џејмс стана првиот НБА-играч кој во својата кариера играјќи за три различни клубови (Лос Анџелес Лејкерс, Кливленд Кавалирс и Мајами Хит) ја освоил шампионската титула и бил прогласен за МВП во финалната серија.
Покрај Џејмс, во екипата на Лејкерс одличен перформанс прикажа и Ентони Дејвис постигнувајќи дабл-дабл од 19 поени и 15 скока. Роџон Рондо постигна 19 поени, а Кентевиус Колдвел-Поуп 17 поени, давајќи свој придонес во победата на Лејкерс.
Во редовите на Мајами Хит, Бам Адебајо постигна дабл-дабл од 25 поени и 10 скока, додека Џими Батлер постигна 12 поени, 8 асистенции и 7 скока.