Dejan Maksimoviç
15 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) - Луис Енрике, тренерот на Барселона, синоќа доживеа еден од најтешките порази во својата кариера како тренер. Неговиот тим во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите на Паркот на принцевите беше поразен од Париз Сен Жермен со резултат 0:4, и јасно е дека во реваншот ги чека многу тешка работа. Енрике по натпреварот нагласи дека Барселона имала катастрофална ноќ во која била целосно инфериорна, јавува Anadolu Agency (AA).
Доколку во реваншот не успее да го надополни големото заостанување, Барселона за првпат по десет години ќе го пропушти четвртфиналето на најголемото европско тимско натпреварување.
„Тешко е. Тие беа посупериорни од самиот почеток. Тоа беше катастрофална ноќ за нас во која бевме целосно инфериорни. Немам повеќе што да кажам. ПСЖ играше како што очекувавме. Се покажаа во најдоброто изданије, а ние во најлошото“, рече Енрике и се концентрираше на реваншот:
„Тоа ќе биде исклучително тешка задача за нас. Но, се враќаме на нашиот стадион и ќе ни треба навистина херојска игра за да продолжиме понатаму. Но, зошто да не сонуваме?“
Никогаш ниту еден тим во историјата на Лигата на шампионите во реваншот нема надополнето заостанување со резултат од 0:4 Барселона ќе се обиде во тоа на 8. март, кога ќе го пречека ПСЖ на својот Камп Ноу.