Abdulkadir Karakaya
28 Јули 2020•Ажурирај: 28 Јули 2020
КИЕВ (АА) - Легендарниот романски селектор Мирчеа Луческу сепак ќе остане тренер на Динамо Киев, иако вчера изјави дека се откажал од местото тренер на овој украински клуб, во кој пристигна пред само неколку дена, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Луческу вчера се заблагодари на Стручниот штаб за укажаната доверба, наведувајќи дека е невозможно да се работи во атмосфера во која навивачките групи, чија поддршка му е потребна на тимот, имаат непријателски став кон него.
Главната причина за тоа е фактот што Луческу 12 години беше на клупата на Шахтар од Доњецк, лут ривал на Динамо, за што некои очигледно не можеа да му простат.
Сепак, Динамо Киев денеска соопшти дека 74-годишниот тренер решил да остане по разговорите со претседателот на клубот, Игор Суркис.
Суркис во разговорот со романскиот тренер рекол дека емоциите на некои навивачи не можат никако да бидат одлучувачки фактор за иднината на целиот тим и колективот подготвен за нови предизвици со искусниот тренер.
„Заедно ќе продолжиме да ја пишуваме славната историја на Динамо“, порача Суркис.
Луческу изјави дека без силна поддршка на управата не би останал во клубот.
„Единствено од што се плашев беа можните проблеми за клубот. Сигурен сум дека со вас ќе постигнеме големи резултати", рече славниот тренер.
Динамо на својата веб-страница пред неколку дена објави дека Луческу е новиот главен тренер на првиот тим и дека Романецот потпишал договор на две години со опција за продолжување на уште една година.