АНКАРА (АА)
Во текот на извонредната фудбалска кариера Лионел Меси освои сѐ што можеше да се освои, но до Светското првенство во Катар му недостигаше најзначајниот пехар. Во Катар, 35-годишниот Меси конечно го освои Мундијалот со Аргентина и на тој начин ја пополни својата колекција на трофеи, известува Агенција Анадолија (АА).
Напаѓачот на Париз Сен Жермен (ПСЖ) ја водеше репрезентацијата на Аргентина до титулата шампион на Светското првенство во Катар 2022, откако во финалето ја победи Франција, дотогашниот светски шампион.
Прекрасниот финален натпревар заврши без победник, 2:2, за по одигрувањето на продолженијата натпреварот да заврши со 3:3 и се премина на изведување на ударите од белата точка. Аргентинците беа поуспешни и во финалето славеа со 4:2, освојувајќи ја својата трета титула светски шампион, а Меси до единствениот пехар што му недостигаше во кариерата.

- Бројни пехари и титули
Меси и неговите соиграчи на Аргентина ѝ ја донесоа титулата светски шампион по долги 36 години чекање.
Седумкратниот освојувач на „Златната топка“, претходно со тимот на Барселона и на ПСЖ стигна до сите големи трофеи, како и со Аргентина со која во 2021 година го освои главниот меѓународен фудбалски турнир на репрезентациите од Јужна Америка, „Копа Америка“, а оваа година и „Финалисима“ - трето издание на Купот на шампионите КОНМЕБОЛ - УЕФА (интерконтинентален фудбалски натпревар помеѓу победниците на првенствата на Јужна Америка и на Европа).
Меси, кој дресот на Барселона го носеше од 2005 до 2021 година, освои четири титули на УЕФА Лигата на шампиони, три ФИФА клупски светски првенства, три УЕФА Суперкупа, десет титули шампион на Шпанија, осум Суперкупа на Шпанија и седум пехари на Купот на кралот на Шпанија.
Од доаѓањето во ПСЖ ги освои титулата шампион на Франција и Суперкупот.
Во финалето на Светското првенство во Катар, Меси со аргентинската репрезентација извојува победа со која тој, својата колекција на трофеи ја надополни со единствениот трофеј што му недостигаше. По овој триумф, многумина веднаш го поставија рамо до рамо со неговиот легендарен сонародник Диего Марадона, кој во 1986 година ја освои титулата светски шампион со Аргентина.
Меси има освоено сребро на Светското првенство во Бразил 2014 година, кога Аргентина во финалето беше поразена од Германија (0:1)
- Во Катар ги урна рекордите на светските првенства
Аргентина како репрезентација имаше исклучително успешен настап во Катар, а Меси брилираше како поединец.
Тој стана играч со најмногу настапи во историјата на светските првенства - 26 натпревари, со што го урна поранешниот рекорд на германскиот играч за врска, Лотар Матеус со 25 настапи.
Меси беше дел од аргентинската селекција на светските првенства што се одржаа во 2006, 2010, 2014, 2018 и 2022 година.
Во Катар Меси стана и првиот играч кој постигнал погодок во сите фази од Светското првенство.
Имено, тој беше стрелец во групната, а потоа и во преостанатите елиминациски фази на СП, вклучувајќи го и финалето.
Искусниот напаѓач во Катар постигна погодоци против Саудиска Арабија и Мексико во групата Ц, против Австралија во осминафиналето, против Холандија во четвртфиналето, против Хрватска во полуфиналето и против Франција во финалето.
Единствено не постигна погодок на натпреварот против Полска во рамките на групата Ц.
Меси постигна вкупно 7 погодоци на Светското првенство што се одржа во Катар, од кои 2 во финалето против селекцијата на Франција. Со тоа, Меси стана втор стрелец на турнирот, зад Килијан Мбапе, кој 8 пати ги тресеше противничките мрежи.
Меси, кој за Аргентина игра од 2005 година, го престигна и својот сонародник Габриел Батистута по бројот на голови постигнати на светските првенства. Меси на своето конто по Катар 2022 има 13 гола на мундијалите, додека Батистута, 10 погодоци.
- Пехарот на светските првенства пристигна во Аргентина по 36 години
Аргентина, една од водечките фудбалски нации во светот, пред Катар двапати го имаше пехарот на светските првенства во своите витрини.
За првпат титулата светски шампион ја освои во 1978 година на домашен терен, а по вторпат 1986 година во Мексико, предводена од Марадона.
Меси, кого многумина го сметаат за наследник на починатиот Марадона, по освоениот трофеј во Катар, дефинитивно може да се спореди со славниот сонародник.
Во периодот од 1986 до 2022 година Аргентина двапати стигна до финалето на светските првенства. Во финалето на СП во Италија 1990 година загуби од Западна Германија со резултат 0:1 со голот што го постигна Андреас Бреме од пенал. Во Бразил 2014 година во финалето Германија повторно беше кобна за Аргентина. Германија славеше со 1:0, а погодокот го постигна Марио Геце.