Can Erözden
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
БАРСЕЛОНА - Еден од најдобрите фудбалери на денешницата и во историјата на светскиот фудбал, Лионел Меси, од денеска е слободен играч, откако на полноќ му истече договорот со Барселона, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Аргентинскиот интернационалец чиј договор со Барселона беше со важност до 30 јуни 2021 година, не ја продолжи соработката со каталонскиот гигант, поради што стана слободен играч.
Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, во мај потврди дека преговорите со 34-годишниот капитен на Барселона се во план, но дека клубот и играчот сѐ уште не постигнале договор.
Аргентинскиот напаѓач во септември минатата година одлучи да остане уште една сезона во Барселона, со цел да го испочитува договорот, бидејќи со предвремено заминување од клубот би се активирала клаузулата од 700 милиони евра.
Меси го испочитува договорот со каталонскиот клуб и од полноќ е слободен играч кој може да преговара со другите клубови, како што се Париз Сен Жермен и Манчестер Сити, кои според медиумите, покажале интерес за негово ангажирање.
Меси во дресот на Барселона од 2005 година досега одигра 778 натпревари, постигнувајќи 672 гола и запишувајќи 305 асистенции. Со Барса, меѓу останатото, тој освои дури 10 признанија за шампион на Шпанија, четири на Европа и три на светот.