Hüseyin Burak Demirer
27 Јануари 2020•Ажурирај: 27 Јануари 2020
АНКАРА - На Австралија опен, првиот грен слем турнир годинава, светскиот тенисер број 1, Шпанецот Рафаел Надал, по тешка борба го совлада Австралиецот Ник Кириос со 3 : 1 во сетови и избори пласман во четвртфиналето, јавува Агенција Анадолија (АА).
На 8-миот ден од тенискиот турнир, што се одржува во Мелбурн, се одржаа 4 натпревари за пласман во четвртфиналето.
Надал, кој победи на Австралија опен во 2009 година, во осминафиналето се сретна со Австралиецот Ник Кириос. Во текот на загревањето пред почетокот на натпреварот Кириос го носеше дресот на Коби Брајант, кој синоќа загина во хеликоптерска несреќа.
Светскиот тениски рекет број 1, Надал, во тежок меч се изнамачи против Кириос. Натпреварот што траеше 3 часа и 38 минути Надал го доби со 3 : 1 во сетови, од кои последните два во тај-брек (6 : 3, 3 : 6, 7 : 6 [8-6], 7 : 6 [7-4]).
По натпреварот, за време на репортажата Надал ја стави шапката на Лос Анџелес Лејкерс, екипата во која во текот на целата кариера играше Коби Брајант, истакнувајќи дека никогаш нема да биде заборавена оваа американска кошаркарска ѕвезда.
Во преостанатите три меча се сретнаа Германецот Александар Зверев, кој го совлада Русинот Андреј Рублев со 3 : 0 во сетови (6 : 4, 6 : 4, 6 : 4). Швајцарецот Станислав Варвинка во меч полн со пресврти со 3 : 2 во сетови (6 : 2, 2 : 6, 4 : 6, 7 : 6 [7-2], 6 : 2) го совлада Русинот Данил Медведев, а Австриецот Доминик Тим беше поуспешен од Французинот Гаел Монфис, совладувајќи го со 3 : 0 во сетови (6 : 2, 6 : 4, 6 : 4).
Русинката Анастасија Пављученкова ја совлада Германката Анџелик Кербер со 2 : 1 во сетови (6 : 7 [5-7], 7 : 6 [7-4], 6 : 2) и избори пласман во четвртфиналето на Австралија опен.
Шпанката Гарбиње Мугуруса со 2 : 0 во сетови (6 : 3, 6 : 3) ја совлада Холанѓанката Кики Бертенс, а Романката Симоне Халеп беше подобра од Белгијката Алис Мертенс, совладувајќи ја со 2 : 0 во сетови (6 : 4, 6 : 4).
Естонката Анет Контавеит во тежок меч и загубен прв сет извојува победа од 2 : 1 (6 : 7 [4-7], 7 : 5, 7 : 5) над Полјачката Ига Свјонтек и се пласираше во четвртфиналето на првиот овогодинешен грен слем тениски турнир.