Elvir Hociç
29 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
МЕЛБУРН (АА) - Швајцарскиот тениски ас Роџер Федерер го освои овогодинешниот прв Гренд слем турнир Австралија опен во Мелбурн, а во спектакуларното финале денеска го совлада еден од своите најголеми ривали Рафаел Надал со 3: 2 во сетови, јавува Anadolu Agency (AA).
Федерер го отвори мечот подобро и го освои првиот сет со резултат 6:4, но Надал го подигна нивото на играта и го доби вториот сет со 6: 3.
Во третиот сет, Швајцарецот Федерер доминираше од основната линија, за што говори и резултатот од тој дел на играта 6:1 во негова корист. Надал веќе во следниот сет се враќа на својата игра во која ја форсираше бекхенд страната на Федерер и го принуди на грешки. Резултатот во четвртиот сет беше 6:3 во корист на Шпанецот.
Одлучувачкиот петти сет, Надал го отвори со одземање на сервисот на противникот, но Федерер брзо врати со одземање на сервисот на Надал со 3:3. До крајот на сетот продолжен е возбудливиот трилер, кој заврши со резултат 6:3 во корист на Федерер.
Тоа беше деветти меѓусебен натпревар на Надал и Федерер во финалето на Гренд слем турнирот, а заврши со победа на Федерер со резултат од 6:4, 3:6, 6:1, 3:6, 6:3.
Двајцата поранешни први светски рекети на Австралија опен го играа и финалето во 2009 година, а тогаш во натпреварот од пет сета славеше Надал. Уште во два наврата Надал го победи Федерер на Австралија опен и тоа во полуфиналето во 2012 година и 2014 година.
Надал и Федерер досега одиграа вкупно 35 натпревари и односот е 23-12 во корист на Шпанецот. Во финалето на Гренд слем турнирите играа деветпати, а односот беше 6-3 во корист на Надал.
Федерер во кариерата има вкупно 18 Гренд слем титули, додека Надал остана на 14 титули. Во Мелбурн, Надал победи само еднаш во 2009 година, а Федерер петпати.