Beyza Binnur Dönmez
29 Ноември 2022•Ажурирај: 30 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Целиот Управен одбор на италијанскиот фудбалски клуб Јувентус, вклучително и претседателот Андреа Ањели, поднесоа оставка поради обвинувања за неправилности во сметководството, соопшти италијанскиот фудбалски клуб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одлуката е донесена по вонредниот состанок на кој се добиени мислења од независни експерти во врска со сметководството, се вели во соопштението на клубот.
„Управниот одбор, земајќи го предвид фокусот и важноста на отворените правни и техничко-сметководствени прашања, смета дека е во најдобар интерес да препорача Јувентус да назначи нов управен одбор што ќе се занимава со овие прашања“, се вели во соопштението.
Под водство на Ањели, кој беше назначен во 2010 година, Јувентус освои девет последователни титули во Серија А до сезоната 2019-2020.
Новиот управен одбор ќе биде потврден на состанокот закажан за 18 јануари, а дотогаш клубот ќе го води Маурицио Сканавино.
Во сезоната 2021-2022, Јувентус забележа загуба од 254,3 милиони евра, што е најголема загуба забележана во историјата на Серија А.
Клубот моментално ја држи третата позиција во Серија А, со 10 бода помалку од лидерот на табелата, Наполи.