Dejan Maksimovic
19 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Жозеп Марија Бартомеу, претседател на Барселона, откри дека Ливерпул бил подготвен да го продаде Филипе Кутињо само за 200 милиони евра, што беше неприфатливо за каталонскиот клуб, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за шпанските медиуми, Бартомеу откри дека Ливерпул воопшто не сакал да преговара за друга цена, и верува дека таквиот став го зазел поради отштетата од 222 милиони што ПСЖ му ја плати на ФК Барселона.
„Нема да кажам колку нудевме, но Ливерпул бараше 200 милиони евра. Не бевме подготвени да дадеме 200 или 150 милиони евра, и одлучивме да се повлечеме по толку скапиот пазар. Нашата понуда беше помала од 100 милиони евра, а со бонуси би можела да се искачи на 120“, изјави Бартомеу.
Првиот човек на Барселона потоа се сврте кон преминот на Нејмар во „Парк де Принцес“.
„Парите влегоа во фудбалот надвор од играта, правејќи ги трансферите премногу скапи, и тоа објаснува што се случи со Кутињо. Мораме да инвестираме пари во Ла Масија и во клупската академија, мораме да ги почитуваме правилата, па затоа сум задоволен поради истрагата на ПСЖ на барање на европските клубови. Официјално дознавме дека Нејмар заминува кога тој ни кажа. На крајот од јули видовме дека работите не се одвиваат добро, но таткото на Нејмар нè убеди дека тоа не е ништо. Му верувавме на неговиот татко“, отворено раскажа Бартомеу.
Барселона по напуштањето на Нејмар потроши 105 милиони евра за да го донесе Усман Дембеле од Борусија Дортмунд. На штета на Барса, Дембеле се повреди минатиот викенд во игра со Гетафе и го чека четиримесечна пауза.