Doğa Kırmızıoğlu
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Салима Мукансанга од Руанда, првата жена судија во фудбал, го запиша своето име во историјата судејќи на натпреварот меѓу Зимбабве и Гвинеја во Африканскиот куп на нации, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мукансанга, која успешно ја делеше правдата во натпреварот од групата „Б“, во кој Зимбабве ја победи Гвинеја со 2:1, стана првата жена судија која ја делеше правдата на натпревар во Африканскиот куп на нации.
Во исто време, за првпат во историјата, целиот судиски тим на натпреварот го сочинуваа жени. Мароканката Фатиха Џермуми и Камерунката Карин Атемзабонг ѝ асистираа на Салима Мукансанга, додека Мароканката Бухра Карбуби беше видеопомошник-судија (VAR).
Салима Мукансанга беше и прва жена судија на Африканскиот куп на нации на натпреварот Гвинеја-Малави одигран на 10 јануари.
„Мораме да му покажеме на светот што можеме. Можеме успешно да водиме тешки машки фудбалски натпревари. Правилата на игра се исти за сите. Сега ни помага системот ВАР. Светското првенство, Олимписките игри, сите игри се исти. Судиската професија е одлична можност за жените. Сакам другите жени да ме поддржат и бројот на жени судии рапидно да се зголемува низ светот, бидејќи можеме да направиме добри работи“, порача Мукансанга.
- Пофалби од директорот на КАФ -
Еди Мејлет, директорот на Африканската фудбалска конфедерација (CAF), на крајот од натпреварот изјави дека се горди на она што го постигнала Салима.
„Ние сме горди на Салима. Таа даде големи жртви за да дојде до местото каде што е денес. Знаеме дека жената мора да надмине сериозни пречки за да го достигне ова ниво. Салима ги заслужува сите пофалби", рече Мејлет.
Истакнувајќи дека Салима е идол на секое дете во Африка, Мејлет додаде:
„Салима влева страст за фудбалот низ Африка и го отвора патот за многу идни жени судии.“
- Сакаше да игра кошарка, се сврте на судењето -
Родена во регионот Русизи во Руанда во 1988 година, Мукансанга дипломира на Одделот за медицински сестри на Универзитетот „Гитве“.
Судијката од Руанда, која вложи големи напори за да стане кошаркарка, не можеше да си го исполни сонот поради немањето објекти и тренери во земјата.
Потоа, Мукансанга ја сврте кариерата кон фудбалско судење, а првиот чекор во оваа професија го направи водејќи натпревари во фудбалскиот тим во училиштето „Винсент де Пол Мусанза“.
Салима Мукансанга, која посетуваше обука за судење една година, почна постепено да напредува. Своите први судиски натпревари ги изврши во Првата женска фудбалска лига на нејзината земја, а потоа и на некои натпревари во Втората машка фудбалска лига на Руанда.
- Судеше на Олимпијадата и Светското првенство -
Салима Мукансанга, која по четири години доби лиценца за виш судија од КАФ, го отвори патот да стане една од водечките судии на африканскиот континент.
Мукансанга работи во Првата фудбалска лига на Руанда од 2018 година, судеше на Светското првенство за жени У17 на ФИФА 2018 година, Африканскиот куп на нации за жени 2018 година, Светското првенство за жени 2018 година, Олимписките игри во Токио 2020 година и шампионите на КАФ за Женската лига на шампиони.