Abdula Berisha
01 Јуни 2021•Ажурирај: 03 Јуни 2021
СКОПЈЕ
Фудбалската репрезентација на Северна Македонија на 12 ноември 2020 година испиша историја кога со резултат 0:1 оствари победа против репрезентацијата на Грузија во мечот одигран во Тбилиси, со што за првпат во својата историја се пласираше на едно големо натпреварување, односно Европското првенство во фудбал - УЕФА ЕУРО 2020.
Одложеното Европското првенство ЕУРО 2020 поради пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) ќе стартува на 11 јуни со воведниот меч меѓу Турција и Италија, а Северна Македонија својот прв историски меч ќе го одигра на 13 јуни против Австрија во рамките на групата Ц, каде што се наоѓаат и Украина и Холандија.
Во пресрет на ЕУРО 2020, Селекторот на Македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, во интервју за Агенцијата Анадолија (АА) вели дека атмосферата е на највисоко можно ниво и дека е задоволство да се работи во таква атмосфера.
„Македонија се подготвува за тој историски настап на едно европско првенство, иако во минатото Македонија беше таа што 'спарингуваше' со останатите репрезентации кои беа пласирани, сега ние како земја учесник, нели, се подготвуваме“, додаде тој.

Запрашан за противниците на македонската репрезентација во рамките на групата Ц, тој вели дека се квалитетни, но дека се надева на позитивен резултат.
„Секако сите што се пласирани на Европско првенство поседуваат огромен квалитет, но квалитетни сме и ние, така да веруваме во нашиот квалитет, ќе одиме против секоја репрезентација со една желба да оствариме позитивен резултат и повторно да ги израдуваме нашите навивачи“, рече Ангеловски.
Ниту еден од најблиските соседи на Северна Македонија не успеа да се квалификува на ЕУРО 2020, а Ангеловски вели дека тој факт е показател за тежината на овој успех за земјата, додавајќи дека тоа е шанса да се придобијат симпатиите од соседите љубители на фудбалот.
„Ако земји кои во минатото беа учесници, како Србија, Бугарија, Албанија, да не набројувам други, Романија, во наша близина што се, никој од нив не успеа да се пласира, само Македонија, говори нели за каков успех сме постигнале, а и сега симпатиите од сите овие земји што ги набројав се спрема Македонија“, рече Ангеловски, надевајќи се дека нема да ги разочараат навивачите.
- „Турскиот фудбал со сè она што го поседува, заслужува да биде во самиот врв“
Запрашан како ја гледа фудбалската репрезентација на Турција, Ангеловски изјави дека се надева на повторување на успехот од Светското првенство во Јужна Кореја во 2002-та година, кога Турција го освои високото трето место.
„Секогаш со симпатии сум ја гледал и репрезентацијата на Турција и турскиот фудбал, затоа што имам многу пријатели и многу добро знаеме какви се нашите односи со турскиот народ, каква е нашата близина, и јас секогаш велам дека турскиот фудбал со сè она што го поседува заслужува да биде во самиот врв и јас се надевам дека ќе го повторат она што во Јужна Кореја на тогашното Светско првенство успеаја да го направат“, рече Ангеловски.
Тој има пофални зборови и за неговиот колега, селекторот на турската репрезентација Шенол Ѓунеш, за кого вели дека е еден од најдобрите тренери, додавајќи дека „турската репрезентација има навистина квалитетни фудбалери кои со својот квалитет можат на својата земја да ѝ донесат многу радости“.
- „Црвено-жолтата боја е бојата на Македонија“
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација вели дека не би сакал да ја коментира неодамнешната промена на дресовите, додавајќи дека тоа е обврска на службите кои работат во Федерацијата, но дека е среќен што на Европското првенство ќе се настапи во црвено-жолта комбинација.
„Нормално дека јас како селектор, за мене црвено-жолтата боја е бојата на Македонија и дека посакувам фудбалерите да бидат облечени во тој, и мислам дека недоразбирањата веќе се надминаа и дека нема веќе потреба што да додадеме на тоа. Ете, на Европско првенство ќе настапуваме во црвено-жолта комбинација и мислам дека нема потреба од коментари“, рече Ангеловски.
Запрашан за негово заминување од селекторската позиција по Европското првенство, тој вели дека другите треба да ја оценат неговата работа.
„Мојот договор е до 31.7. Игор Ангеловски е на оваа позиција повеќе од 5 години така да од првиот мој работен ден, до последниот, Игор Ангеловски максимално професионално ќе си ја извршува обврската. Ако другите ценат дека јас тоа сум го направил добро или не сум го направил добро, тоа останува на нив. Јас сум професионалец и она за што ме ангажирале професионално ќе го одработам, максимално професионално од прв до последен ден“, изјави Ангеловски.