Selçuk Buğra Gökalp
03 Октомври 2024•Ажурирај: 10 Октомври 2024
АНКАРА (АА) - Советот на ФИФА денес ја прифати претставката на Палестинската фудбалска федерација против Израел за кршење на човековите права и одлучи да започне истрага, јавува Анадолу.
Одлуката беше донесена на 74. состанок на Советот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) во Цирих за да се разгледа барањето на Палестинската фудбалска федерација против Израелската фудбалска федерација.
„Дисциплинскиот комитет на ФИФА ќе иницира истрага за наводниот прекршок на дискриминација покренат од Палестинската фудбалска федерација“, се вели во соопштението на Комитетот.
„На Комитетот за управување, ревизија и усогласеност на ФИФА ќе му се довери мисијата да го истражи, и последователно да го советува Советот на ФИФА, за учеството во израелските натпреварувања на израелските фудбалски тимови, наводно базирани на територијата на Палестина“, се додава во соопштението.
Во април, Палестинската фудбалската федерација побара од ФИФА да го санкционира и исклучи Израел поради кршење на човековите права и хуманитарното право во Појасот Газа.
Потоа во септември, Палестинската фудбалската федерација објави дека ФИФА добила независно правно мислење во кое се препорачуваат санкции против Израелската фудбалска федерација за кршење на човековите права и хуманитарното право во Газа.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври минатата година.
Вкупниот број на убиени Палестинци во израелските напади од минатиот 7 октомври достигна најмалку 41.788.
Израелската офанзива предизвика раселување на речиси целото население на територијата, а тековната блокада доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
- Започнува процедурата за гласање за Светското првенство на ФИФА 2030 и 2034 -
Советот на ФИФА, исто така, објави едногласно одобрување на процедурата за гласање за именување на домаќини на Светското првенство во фудбал за 2030 и 2034 година.
Домаќините на првенствата ќе бидат решени на вонредниот конгрес на ФИФА на 11 декември.
Освен тоа, Советот одобри прозорец за пријавување за Светското клупско првенство на ФИФА 2025 година, кое ќе трае од 1 до 10 јуни.
Клубовите ќе можат да ги заменат играчите за време на ограничениот период од 27 јуни до 3 јули 2025 година, бидејќи договорите на некои играчи може да истечат среде натпреварувањето.