Kemal Zorlak
12 Јуни 2024•Ажурирај: 13 Јуни 2024
АНКАРА (АА)
Домаќини на Европското фудбалско првенство (ЕВРО 2024) ќе бидат германските градови Берлин, Келн, Минхен, Франкфурт, Хамбург, Дортмунд, Лајпциг, Гелзенкирхен, Штутгарт и Дизелдорф.
Новинарите на Анадолу собраа информации за стадионите на кои ќе се играат натпреварите на Европското фудбалско првенство.
Натпреварувањето меѓу најдобрите селекции на Стариот Континент ќе започне со натпреварот меѓу домаќинот Германија и репрезентацијата на Шкотска в петок на 14 јуни, со почеток во 21:00 часот.

- Стадион Фолкспарк (Хамбург)
Стадионот Фолкспарк во Хамбург е отворен во 1953 година. Овој стадион доби голема надградба во 2000 година. Фолкспарк беше домаќин на натпреварите на УЕФА Европското првенство во 1988 година и на Светските првенства во 1974 и 2006 година. Стадионот го користи бундеслигашот Хамбургер. Капацитетот на стадионот е 49.000 гледачи.
- Арена Ауф Шалке (Гелзенкирхен)
Арената Ауф Шалке е стадион во градот Гелзенкирхен во Северна Рајна-Вестфалија. На овој стадион своите натпревари ги игра клубот ФК Шалке 04 кој се натпреварува во 2. лига. Завршен во август 2001 година по речиси три годишна изградба, мултифункционалниот стадион има капацитет од 50.000 гледачи.
- Арена Дизелдорф (Дизелдорф)
Овој стадион има покрив кој се повлекува. Се наоѓа во населбата Стокум во Дизелдорф, главниот град на покраината Северна Рајна-Вестфалија. Фудбалскиот клуб Фортуна Дизелдорф, член на германската 2. Бундеслига, на овој стадион ги игра своите натпревари. Со над 47.000 места за гледачи, ова е деветти по големина стадион во Германија.
- Стадион Келн (Келн)
Стадионот во германскиот град Келн е изграден 1923 година. На него своите натпревари ги игра бундеслигашот Келн. Стадионот е со капацитет од 43.000 гледачи. Станува збор за еден од стадионите на кои се играше Светското фудбалско првенство во 2006 година.
- Арена Штутгарт (Штутгарт)
Стадионот Арена Штутгарт беше реновиран и модернизиран неколку пати по неговата изградба во 1993 година. На овој стадион се играа натпреварите од светските првенства во 1974 и 2006 година, како и на УЕФА Европското првенство во 1988 година. На овој стадион своите натпревари ги игра бундеслигашот ВфБ Штутгарт. Арена Штутгарт има капацитет од 51.000 гледачи.
- Алијанц арена (Минхен)
Алијанц арена е изградена од локалните ривали Баерн Минхен и Минхен 1860. Тоа е првиот стадион во светот со целосно менување на бојата на надворешноста. Алијанц арената е отворена во 2005 година. Во 2006 година Минхен 1860 поради финансиска криза во која потпаѓа ги продава своите 50 % на Баерн и оттогаш овој клуб ја презема целосната сопственост на стадионот.
Стадионот беше домаќин на незаборавното финале на УЕФА Лигата на шампионите во 2012 година, кога Челзи го совлада Баерн на пенали и покрај предноста на домашен терен. На овој стадион се одигра и четвртфиналето на УЕФА ЕВРО 2020 помеѓу селекциите на Италија и Белгија. Стадионот има капацитет од 66.000 гледачи. На овој стадион натпреварите ги игра бундеслигашот Баерн Минхен.
- Арена Франкфурт (Франкфурт)
Арената Франкфурт, домот на Ајнтрахт Франкфурт, е изградена во 1925 година и оттогаш е домаќин на натпревари на неколку големи турнири, вклучувајќи го и Европското првенство во 1988 година и Светското првенство во 2006 година. Капацитетот на стадионот е 47.000 гледачи.
- Стадион БВБ (Дортмунд)
Стадионот БВБ Дортмунд, еден од најпознатите во светскиот фудбал благодарение на неговата позната трибина „Жолт ѕид“, е една од најголемите арени на УЕФА ЕВРО 2024. На овој стадион се одиграни натпревари од Светското првенство и од европските натпреварувања, вклучувајќи го и финалето на Купот на УЕФА во 2001 година помеѓу Ливерпул и Депортиво Алавес. Стадионот е со капацитет од 62.000 гледачи.
- Стадион Лајпциг (Лајпциг)
Стадионот Лајпциг (Ред Бул Арена), домот на бундеслигашот РБ Лајпциг, има најсовремен покрив. Стадионот беше отворен во 2004 година, откако беше повторно изграден во рамките на стариот Централен стадион - најголемиот стадион во поранешна Источна Германија. Стадионот има капацитет од 40.000 гледачи.
- Олимписки стадион Берлин (Берлин)
Олимпискиот стадион Берлин, најголемото место на ЕВРО 2024, беше домаќин на сите финалиња на германскиот куп од 1985 година, како и на неколку натпревари од висок профил на континенталната и меѓународната сцена. Берлин беше домаќин на финалето на Светското првенство во 2006 година помеѓу Италија и Франција. Во 2015 година на истиот стадион Барселона го победи Јувентус во финалето на УЕФА ЛШ и ја освои шампионската титула. Стадионот има капацитет од 71.000 луѓе. На овој стадион своите натпревари ги игра Херта Берлин, член на 2. германска лига.