Hüseyin Burak Demirer
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
АНКАРА
Вчера се одиграа натпреварите од 6-тото, последно коло од групната фаза во УЕФА Лигата на шампиони, освен средбата Париз Сен Жермен - Медипол Башакшехир, која беше прекината и е презакажана за денес, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во групата Х во која екипите на Манчестер Јунајтед, Париз Сен Жермен (ПСЖ) и Лајпциг имаа по 9 бода, пласманот во осминафиналето на ЛШ остана да се знае по одигрувањето на последното коло.
Лајпциг на домашен терен ја пречека екипата на Манчестер Јунајтед. Домаќините поведоа уште во 2. минута со погодокот на Анхелињо, а во 13. минута веќе имаа водство од 2:0, благодарение на голот што го постигна Хаидара. Во 69. минута Лајпциг веќе имаше убедливо водство од 3:0. Погодокот го постигна Џастин Клајверт. Манчестер Јунајтед со удар од белата точка преку Фернандеш намали на 3:1, а во 82. минута автогол постигна Конате за 3:2, но гостите до крајот на натпреварот не успеаја да направат пресврт и се збогуваа од Лигата на шампиони. Манчестер ќе продолжи да се натпреварува во Лига Европа.
Средбата ПСЖ - Медипол Башакшехир беше прекината поради расистичкиот испад на четвртиот судија кон Пјер Вебо, помошниот тренер на турскиот клуб. Играчите на ПСЖ го поддржаа Медипол Башакшехир и двете екипи се повлекоа во соблекувалните. Донесена е одлука натпреварот да продолжи денес во 18:55 часот од моментот кога е прекинат во 13. минута при резултат 0:0.
- Јувентус го доби натпреварот, а Роналдо дуелот
Во групата Г се одигра дербито на колото меѓу Барселона и Јувентус и долгоочекуваниот дуел меѓу фудбалските ѕвезди Меси и Роналдо.
Гостите извојуваа висока победа над Барселона од 0:3 со погодоците на Роналдо во 13. и 52. минута (и двата од удар од белата точка) и погодокот на Меккени во 20. минута. Иако и двете екипи имаат ист број бодови, Јувентус е првопласиран во групата поради подобар успех во меѓусебните дуели.
Роналдо, кој е најпрецизниот фудбалер во историјата на УЕФА Лигата на шампиони, со последните два погодоци го зголеми вкупниот број голови на 134.
Пласман во осминафиналето на УЕФА ЛШ обезбедија Челзи и Севиља во групата Е, Борусија Дортмунд и Лацио во групата Ф, Јувентус и Барселона во групата Г и Лајпциг и ПСЖ во групата Х.
Третопласираните по групите, екипите на Краснодар, Динамо Киев, Клуб Бриж и Манчестер Јунајтед ќе играат во шеснаестинафиналето на УЕФА Лига Европа.
Резултати од синоќа одиграните средби во групите Е, Ф, Г и Х:
Група Е
Рен - Севиља 1:3
Челзи - Краснодар 1:1
Група Ф
Зенит - Борусија Дортмунд 1:2
Лацио - Клуб Бриж 2:2
Група Г
Динамо Киев - Ференцварош 1:0
Барселона - Јувентус 0:3
Група Х
Лајпциг - Манчестер Јунајтед 3:2.