Besar Ademi
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на иницијативата „Навивај без омраза”, проект кој се спроведува во текот на последните пет месеци од неколку млади активисти, студенти и новинари во соработка со неколку фудбалски клубови од Македонија, на презентирањето на конечните резултати од проектот се истакна дека социјалните мрежи играат важна улога во спречувањето на говорот на омраза, но, исто така, и на зголемување на тензиите меѓу навивачките групи на тимовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Членовите на оваа иницијатива изразија увереност дека нивната петмесечна работа, почнувајќи од инсталацијата на проектот во септември 2016 година и неговото завршување во февруари 2017 година, ќе донесе позитивни резултати кај навивачите во Македонија и пред се во спортот.
Координаторот на иницијативата „Навивај без омраза”, Адријана Селмани, апелираше до фудбалските клубови да организираат почести средби со раководствата на навивачките групи и на Фудбалската федерација, со цел да се намали нивото на насилството на спортските натпревари и навивачите да се едуцираат во однос на тоа како да ја спречат омразата и да се справат со неа.
„Секогаш говорот на омраза треба да се третира активно и на незапирлив начин, бидејќи во Македонија меѓу навивачките групи е неизбежен и почест. Оваа иницијатива имаше неколку активности, со акцент на социјалните мрежи, бидејќи евидентиравме дека говорот на омраза повеќе се проширува на социјалните мрежи, а тоа е нешто што не може да се избегне. Ако не се едуцираме ние и младите луѓе, не ќе бидеме во можност за да го спречиме насилството и не ќе можеме да го препознаеме јазикот на омразата”, рече Селмани.
Член на иницијативата „Навивај без омраза", Елион Јашари рече: „Говорот на омраза е позастапен на социјалните мрежи. Затоа, ние се фокусиравме да даваме совети преку статии и закони кои ги објавуваме на социјалните мрежи. Успеавме да го привлечеме вниманието на навивачите како тие да го разберат јазикот на омразата и кои се законските мерки и казни за сторителите на насилството на спортските натпревари.”
Според иницијативата „Навивај без омраза", говорот на омраза во Македонија е пораспространет отколку во другите земји од регионот, и тоа во најголем дел на етничка и верска основа.
„Навивај без омраза” е иницијатива која има за цел да ја спречи појавата на говорот на омраза и насилство меѓу навивачите. Финансиски е поддржана од Амбасадата на САД во Албанија. Идејата за овој проект беше презентирана за време на работилницата „Спречување на насилниот екстремизам” кој се одржа во Драч, во јули минатата година, од страна на Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, каде присуствуваа млади студенти и активисти од Македонија, Косово и Албанија.