Bakir Tiro
07 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
САРАЕВО (AA) - Ивица Осим, почесен претседател на Фудбалскиот сојуз на БиХ и еден од најголемите авторитети во фудбалот во регионот ги прими претставниците на Интернационалната фудбалска мрежа „Футгол“, со кои разговараше за унапредувањето на фудбалот, особено кога е во прашање комуникацијата меѓу љубителите на овој спорт, јавува Anadolu Agency (AA).
Осим рече дека фудбалот може да одигра важна улога во поврзувањето на прекинатите врски меѓу сите што го сакаат фудбалот во регионот и да биде обединувачки фактор меѓу луѓето.
„’Футгол’ во тој процес исто така може да има важна улога“, рече Осим и додаде:
„Важно е да се следат трендовите. Ние сме талентирано подрачје за фудбал, во тоа нема сомнеж. Меѓутоа, фудбалот денес е побрз, направена е наука од тоа и се води сметка за секој детаљ. Ништо не може без таленти, но тренингот и брзината се многу важни и еден брз играч на некој клуб може да му донесе предност на теренот“.
Осим внимателно ги прегледал сите можности што ги нуди оваа единствена социјална мрежа и даде полна поддршка за „Футгол“.
„Драго ми е да се вклучат луѓето од целиот свет на ‘Футгол’ и тоа е добро“, нагласи Осим, истакнувајќи:
„Добро би било да се вклучат и нашите клубови, играчи, навивачи и сите што го сакаат фудбалот, но да се вклучат поради спортот и фудбалот, а не поради други причини коишто може да бидат негативни. Повторно ќе играме фудбал заедно во регионот, само е прашање на времето. Ова што го видов може да даде придонес во развојот на фудбалот и како таков, треба да се искористи“.