Süha Gür
29 Јануари 2024•Ажурирај: 01 Февруари 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Чаглар Сојунџу, стоперот на турската репрезентација и Атлетико Мадрид, до крајот на сезоната ќе настапува за истанбулски Фенербахче, пренесува Анадолу.
Како што потврдија од турскиот суперлигаш, постигнат е договор со репрезентативецот на Туркије и неговиот клуб, според кој Сојунџу оваа сезона ќе игра за Фенербахче.
„Постигнат е договор меѓу нашиот клуб, одбранбениот играч Чаглар Сојунџу и неговиот клуб Атлетико Мадрид. Репрезентативецот на Туркије ќе го носи дресот на Фенербахче до крајот на сезоната 2023/24. Му посакуваме добредојде во нашето семејство“, наведоа од Фенербахче.
Дваесет и седумгодишниот турски стопер во Истанбул го потпиша договорот порачувајќи дека сака што поскоро да се приклучи на тимот.
„Моја цел е освојување на трофејот. Со нетрпение очекувам да им се приклучам на соиграчите. Ова ми е прво искуство во Суперлигата и тоа носи посебна возбуда“, изјави Сојунџу.
Неодамна на истанбулските „жолто-сини“ им се приклучија босанскохерцеговскиот репрезентативец Раде Круниќ и искусниот италијански стопер Леонардо Бонучи.
Сојунџу е најновото во низата засилувања на Фенербахче, кој претходно ги има ангажирано хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ, српскиот репрезентативец Душан Тадиќ, Бразилецот Фред и репрезентативецот на БиХ, Един Џеко, кој е и капитен на тимот.