Enes Kaplan
30 Декември 2016•Ажурирај: 30 Декември 2016
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, по состанокот со претседателот на Косово, Хашим Тачи, во Анкара изјави дека Турција го поддржува Косово на сите полиња од независноста на оваа млада земја, додавајќи дека со заеднички напори Косово денеска стана веродостоен партнер на меѓунардоната заедница како и гаранција за стабилноста во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„За нас се неспорни независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Косово", порача турскиот претседател на конференцијата за медиуми, потсетувајќи дека Косово досега го признале 113 земји, напоменувајќи дека се преземаат напори за овој број да биде и поголем.
Двајцата лидери во текот на денешниот состанок разговараа и за очекувањата на Турција во поглед на борбата против ФЕТО во останатите земји во светот.
„Разговарaвмe за подлиот обид за државен удар во Турција, борбата против ФЕТО, како и за нашите очекувања од земјите со кои имаме приjателски односи во поглед на борбата против ФЕТО. Како што знаете, кога станува збор за Балканот, терористичката организација ФЕТО, на Балканот има најразвиена мрежа. ФЕТО не е голема закана само за Турција туку за сите земји во кои делува. Таа страшна стварност ја покажаа во ноќта на 15 јули но и после тоа”, рече Ердгоан.
Во тој контекст истакна дека во некои земји училиштата кои делуваа во рамките на ФЕТО доделени се на Фондацијата Мариф.
„Во земјите каде луѓето сфатиja што е вистинската намера на ФЕТО, започнаа децата и младите генерации да ги спасуваат од рацете на оваа организација. Се надеваме дека овој процес ќе биде поинтензивен. Верувам дека нашите браќа во Косово во тој поглед ќе го покажат потребниот сензибилитет”, рече Ердоган. Тој напомена дека нема никаква разлика помеѓу терористичките организации како што се ФЕТО, ПКК, ЈПГ, ДХКП-Џ и ДЕАШ.
„Ја продолжуваме решителната борба против oвие терористички организации како во земјата така и во светот. Сигурно ќе ги изведеме пред лицето на правдата сите оние кои се одговорни за крвта на невините луѓе и за подлите убиства. Каде и да избегаат, никогаш нема да престанеме да трагаме по лидерите на терористичките организации и милитантите. Предавникот е секаде предавник, терористот секаде е терорист”, рече Ердоган.
На крај истакна дека Турција изразува задоволство поради чекорите кои Косово ги презеде на евроатланскиот пат, додавајќи дека Анкара го поддржува дијалогот помеѓу Приштина и Белград. Нагласи дека инвестициите на турските стопанственици на Косово достигнале 350 милиони долари, додека трговската размена меѓу двете земји, само во текот на првите десет месеци на 2015 година, изнесуваше 221 милион долари.
Претседателот Ердоган нагласи дека сепак дополнително е потребно да се продлабочи економската и стопанската соработка меѓу двете земји.