Merve Aydoğan
26 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), Махир Унал, најави дека администрацијата на Турција во идниот претседателски систем на управување би можеле да ја сочинуваат поединци од различни области, а не само политичари во традиционална смисла, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Можно е во Кабинетот да влезат поединци од светот на бизнисот, културата, спортот и оние кои живееле во странство“, изјави Унал во интервју за турската национална телевизија ТРТ.
Во согласност со уставните реформи одобрени на минатогодишниот референдум, Турција по имплементацијата на неделните претседателски и парламентарни избори ќе премине од парламентарен на претседателски систем на управување со значително поголеми овластувања на претседателот на државата и без функција премиер како шеф на Владата.
Унал го коментираше и изборниот резултат на Мухарем Инџе, претседателскиот кандидат на опозициската Републиканска народна партија (CHP) на изборите одржани во неделата, а на кои, според прелиминарните резултати победи актуелниот турски претседател и лидер на АК Партијата, Реџеп Таип Ердоган.
„Кандидатот на ЏХП, Мухарем Инџе, се наметна како природен лидер на таа партија, бидејќи со освоени 30 отсто од гласовите, првпат по 40 години ја премина таа партиска психолошка бариера“, изјави Унал.
Според прелиминарните резултати од пребројаните 99,99 отсто од гласачките ливчиња, Ердоган освои 52,5 отсто од гласовите, а Инџе 30,6 отсто.
Иако е поразен, Инџе е првиот кандидат на ЏХП кој доби таква поддршка по подолг период.
Унал денес изјави дека се поставува оправдано прашање дали актуелниот претседател на ЏХП, Кемал Киличдароглу, заслужува да остане на таа позиција, откако Инџе освои значително повеќе гласови како претседателски кандидат од оваа партија на парламентарните избори.