Ekip
10 Јануари 2019•Ажурирај: 11 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, осврнувајќи се на можната акција на оваа земја на источниот дел на реката Еуфрат во Сирија, а која е насочена против терористите на ПКК, изјави дека таа не зависи од повлекувањето на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу за актуелните прашања зборуваше за турскиот информативен канал NTV. Во оваа пригода ги прокоментира последните случувања по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за повлекување на американските сили од Сирија.
Чавушоглу предупреди дека присуството на терористите на ПЈД/ЈПГ/ПКК, од аспект на стабилноста на регионот, претставува голема опасност. Тој зборуваше и за притисоците на ЈПГ/ПКК, која ја поддржуваат САД, на Асирците, Језидите и на други народи кои живеат во Сирија.
„Кога ќе почнете да соработувате со една терористичка организација, за жал, не можете да се ослободите од нејзиното влијание. Полека влегувате и под нејзина контрола. Не е правилно една голема држава денес, и покрај нашето сојузништво во НАТО, и покрај сите наши досегашни соработки, да зборува како некој кој поддржува некоја терористичка организација, а камоли да бара изговори за неповлекување. Кога една држава нешто ќе вети, треба тоа да го исполни. И Реџеп Таип Ердоган и Турција, кога нешто ќе ветат, стојат зад тоа“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека САД почнале попозитивно да гледаат на имплементацијата на Мапата на патот за Мунбич, но дека, за потполна реализација е потребно ЈПГ во потполност да се повлече од деловите источно од Еуфрат.
„Нашата операција против ЈПГ не зависи од повлекувањето или од неповлекувањето од САД. Додека уште немаше ваква одлука, нашиот претседател изјави дека ќе дојдеме на источниот дел на Еуфрат и ќе започнеме акција. Тој ден ни ние не знаевме дали САД ќе се повлечат“, појасни Чавушоглу.
Тој истакна дека Турција, независно од тоа дали САД ќе ги повлечат своите сили, ќе стори сѐ што е потребно во борбата против терористичката организација која се заканува на нејзината национална безбедност.
Чавушоглу изјави и дека претседателите на Турција и Русија планираат билатерален самит, како и трилатерален во формат на мировниот процес во Астана или Сочи.
Турскиот министер за надворешни работи изјави дека Русија изразила желба во наредните неколку недели да организира трилатерален самит, а дека се чека на предлогот на Москва за датумот на одржување.