Tuba Şahin
21 Мај 2021•Ажурирај: 22 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Турската авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) започна со тестирање на апликација за дигитален здравствен бележник за да го олесни искуството на патниците среде пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Преку Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) и нејзината мобилна апликација „Травел пас“ (Travel Pass), патниците на „Туркиш ерлајнс“ ќе можат да креираат дигитален пасош, да добијат тестови и сертификати за вакцинацијата, да проверат дали ги исполнуваат сите услови за нивната рута и да споделат сертификати за тестирањето или вакцинацијата со авиокомпаниите и властите за да го олеснат своето патување“, се вели во соопштението на превозникот.
„„Туркиш ерлајнс“ исто така планира да ги дигитализира проверките на патните исправи низ целата своја мрежа на летови откако ќе заврши работата околу пропратната инфраструктура“, се додава во соопштението.
Иницијативите имаат за цел да ги минимизираат неизвесностите за време на периодот на Ковид-19 и да придонесат кон задоволството на патниците.
Основана во 1933 година, „Туркиш ерлајнс“ минатата година опслужи 28 милиони патници со стапка на исполнетост на местата од 71 отсто во услови на воведени ограничувања за патувања поради коронавирусот и затворањето на националните граници.
Превозникот има флота од 362 (патнички и товарни) авиони кои летаат на 319 дестинации - 269 меѓународни и 50 домашни - во 127 земји.