„Туркије и Азербејџан придонесуваат за енергетската безбедност на Европа“
- Шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, беше примен во главниот град Баку од азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и министерот за надворешни работи Џејхун Бајрамов.
БАКУ (АА)
Туркије и Азербејџан даваат значаен придонес за енергетската безбедност на Европа, изјави денес турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за време на посетата на Баку, извесстува Анадолу.
Укажувајќи на важноста на енергетската безбедност, министерот Фидан за време на денешната посета на Азербејџан ја истакна нераскинливата врска меѓу двете нации, опишувајќи ја нивната врска како „заедничка судбина“.
Министерот Фидан во главниот град Баку беше примен од азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и министерот за надворешни работи Џејхун Бајрамов.
Турскиот министер ја истакна трајната природа на соработката меѓу Туркије и Азербејџан.
„По најтешките патишта можете да чекорите само со своите браќа. Тоа е суштината на нашата соработка со Азербејџан. Нашето партнерство е независно од времето и околностите. Тоа е заедничка судбина“, рече Фидан.
„Соработката меѓу двете земји во енергетиката и транспортот е клучна“, рече Фидан, додавајќи дека значително придонесува за енергетската безбедност на Европа.
Покрај средбата во Баку, денес во Белград за енергетската безбедност разговараа српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
- Туркије е подготвена да биде посредник во руско-украинската војна
Шефот на турската дипломатија ја потврди подготвеноста на Туркије да посредува во преговорите за завршување на војната меѓу Русија и Украина, нагласувајќи ја важноста од дијалогот за постигнување одржливо решение.
„Од првиот ден изразивме потреба да заврши војната преку преговори што е можно поскоро и направивме напори во таа насока. Ги поддржуваме сите иницијативи насочени кон постигнување праведен и траен мир. Доколку се исполнат потребните услови, подготвени сме повторно да ја одиграме улогата на посредник, како што го правевме тоа во минатото“, рече Фидан.
За време на средбата, министрите разговараа и за односите меѓу Азербејџан и Ерменија. Фидан ја истакна важноста на мирот во Јужен Кавказ и ги поздрави неодамнешните договори меѓу Азербејџан и Ерменија.
Фидан изрази надеж дека прекинот на огнот во Газа меѓу Хамас и Израел ќе биде одржлив, што ќе овозможи непречена испорака на хуманитарна помош и враќање на раселените Палестинци во нивните домови во зимски услови и недостиг од храна и лекови.
Шефот на турската дипломатија истакна дека Туркије, заедно со меѓународната заедница, ќе направи сѐ што е можно да ги залечи раните на Палестинците по повеќе од 15 месеци израелски геноцид и да се погрижи решението за две држави да стане реалност.
Азербејџанскиот и турскиот министер разговараа и за проширување на соработката во нови региони и зајакнување на врските преку заеднички проекти, потврдувајќи ја посветеноста за траен регионален мир и стабилност.
Министерот Фидан рече дека Туркије ќе биде домаќин на трилатерален состанок Туркије-Азербејџан-Узбекистан на министерствата за надворешни работи, транспорт и трговија на 29 јануари во Анкара.
Азербејџанскиот министер Бајрамов го поздрави договорот за прекин на огнот во Газа и рече дека Туркије и Азербејџан се подготвени целосно да ја поддржат Сирија во нејзината трансформација во значаен актер во меѓународниот систем.