Fahri Aksüt
20 Јули 2020•Ажурирај: 21 Јули 2020
АНКАРА
Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар денес изјави дека Турција ќе продолжи да ги поддржува своите азербејџански браќа во услови на воените напади и други предизвици од страна на Ерменија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хулуси Акар ги даде овие изјави во Анкара по средбата со азербејџанскиот заменик министер за одбрана, Рамиз Тахиров и Керем Мустафајев, началникот на армијата на Автономната Република Нахчиван, автономна република на Азербејџан, која се граничи со Ерменија, Турција и Иран.
На состанокот на кој присуствуваа началникот на Генералштабот на Турската армија, Јашар Ѓулер и другите високи официјални претставници, истакнато е братството меѓу двете земји.
Акар потенцираше дека Турција секогаш ќе ги поддржува азербејџанските браќа во борбата против нападите на соседна Ерменија.
Во врска со безбедноста на Азербејџан и регионот, Акар изјави дека Турција и турските вооружени сили ќе продолжат да го прават она што треба да го прават, додавајќи: „Никој не треба да се сомнева во тоа“.
Откако убија десетици азербејџански војници од 12 јуни досега, ерменските сили се повлекоа по претрпените загуби во одмазничкиот одговор од страна на Азербејџан.
Азербејџан ја обвини Ерменија за провокативните дејствувања, додека Турција го поддржува Баку и го предупредува Ереван дека нема да се двоуми да се спротистави на било каков напад врз својот источен сосед.
Ерменската армија во 1991 година го окупираше регионот Нагорно-Карабах, меѓународно признатата територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и решенија на многу меѓународни организации, се однесуваат на овој факт и бараат повлекување на професионалните ерменски сили од Нагорно-Карабах и седум други окупирани региони на Азербејџан.