Ekipa
02 Август 2019•Ажурирај: 04 Август 2019
АНКАРА (АА) - Во случај да не постигне договор со Соединетите Американски Држави (САД), Турција ќе биде принудена сама да формира безбедносна зона во северниот дел на Сирија, се порачува од Министерството за надворешни работи на Турција, јавува Anadolu agency (AA).
Портпаролот на турското МНР, Хами Аксој, на прес-конференцијата во Анкара говореше за напорите за формирање безбедносна зона во северниот дел на Сирија.
Аксој изјави дека за време на посетата на Турција од страна на американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри, биле одржани низа состаноци, на кои се зборувало за безбедносната зона и судирите во Сирија.
Тој нагласи дека Турција уште еднаш на американската страна ѝ ги пренела своите очекувања, кои се однесуваат на тоа длабочината на безбедносната зона да биде 32 километра, да биде контролирана од Турција и од таа зона да се отстрани терористичката организација ПЈД/ЈПГ.
„Во случај да не можеме да се најдеме на заедничка точка, ќе бидеме принудени сами да формираме безбедносна зона (на границата со Сирија). Тоа го пренесовме на нашите американски колеги на сите нивоа“, изјави Аксој.
Тој нагласи, исто така, дека Турција нема да дозволи да дојде до одолговлекување со процесот околу формирањето на безбедносната зона.
„Доколку нашите очекувања не се исполнат, ние имаме можност и способност за преземање на секоја мерка за да ја заштитиме нашата национална безбедност“, порача Аксој.
Тој нагласи дека на 5 август во Анкара, Турција, доаѓа американската делегација, и дека состаноците ќе бидат продолжени.