Zehra Nur Düz
05 Декември 2019•Ажурирај: 07 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, денес, по самитот на НАТО во Лондон, изјави дека заканите со кои Турција се соочува од меѓународните терористички организации, треба исто така да се сметаат и како закани против НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние мора да бидеме на иста странa за нешто толку едноставно како што е идентификување на терористичка организација“, напиша Алтун на Твитер.
Алтун истакна дека некои сојузници на Турција ја поддржувале, промовирале и легитимирале терористичката организација ПКК/ЈПГ, која регрутира деца, спроведува етничко чистење и ги принудува цивилите на миграција.
Алтун нагласи дека ПКК/ЈПГ мора да биде третирана како тоа што е, „смртоносна терористичка организација“ и „закана за регионалната и меѓународната безбедност“.
Пофалувајќи ја антитерористичката операција во северна Сирија, Алтун изјави дека речиси 400.000 Сиријци се вратиле во нивната земја благодарение на операцијата „Извор на мирот“.
„Нашите воени операции не се само борба против терористите, туку и воспоставување услови за безбедно враќање на Сиријците и воспоставување стабилност во регионот“, изјави тој.
Алтун, исто така, нагласи дека на НАТО му е потребна стратегија за да одговори на сложените предизвици на денешницата.
„Честопати прашањата за тероризмот, бегалците, регионалната стратегија, и сите заедно, претставуваат безбедносни закани за нашата Алијанса“, изјави Алтун.
Тој, исто така, сподели податоци за трошењето на Турција за одбрана во рамките на НАТО.
Според податоците што ги сподели, трошоците за одбрана на Турција достигнале 1,89 отсто од нејзиниот БДП, со зголемување од 53 отсто во текот на изминатите пет години.
„Ќе достигнеме 2 отсто до 2024 година, како што беше договорено на Самитот во Велс“, рече Алтун.
Тој, исто така, истакна дека Турција има 1.200 лица во служба, кои учествуваат во различни мисии на НАТО.