Seyit Şamil Kurt
08 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Агенцијата Анадолу (АА) со повеќе од 300 вработени на терен и во редакциите го следеше 36. Самит на шефови на држави и влади на земјите членки на НАТО во Анкара, обезбедувајќи специјални содржини за претплатниците на 13 јазици, јавува Анадолу.
Агенцијата известуваше во минута за Самитот, организиран од Турција на 7 и 8 јули, опфаќајќи ги интензивните дипломатски контакти на претседателот Реџеп Таип Ердоган, билатералните средби и пораките испратени на маргините на собирот.
Пред почетокот на Самитот, Анадолу спроведе ексклузивни интервјуа во седиштето на НАТО во Брисел, со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, поранешните генерални секретари на НАТО, Јенс Столтенберг и Јап де Хоп Схефер, комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, генералната секретарка на Парламентарното собрание на НАТО, Бенедета Берти, белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, претседавачот со Воениот комитет на НАТО, Џузепе Каво Драгоне, како и со министрите за надворешни работи и одбрана од неколку земји членки на НАТО.
Тимовите на Анадолу ги следеа и подготовките предводени од Дирекцијата за комуникации на Турција за околу 3.000 домашни и странски новинари кои пристигнаа од целиот свет, како и церемониите за пречек на лидерите на аеродромот и нивните дипломатски средби.
Првиот ден, агенцијата пренесе клучни пораки и визуелни содржини од Форумот за одбранбена индустрија на НАТО и програмата „Сојузници во Анкара“, организирана во соработка со Дирекцијата за комуникации, Минхенската безбедносна конференција и Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања (СЕТА).
Пред Самитот, Анадолу известуваше за официјалната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Турција, вклучувајќи го неговото пристигнување на аеродромот во Анкара, свечениот пречек во Претседателскиот комплекс, како и неговите билатерални разговори и разговорите на ниво на делегации со Ердоган.
Агенцијата обезбеди и богата визуелна содржина и преноси во живо од приемот организиран од претседателот Ердоган и првата дама Емине Ердоган во чест на шефовите на држави и влади во Претседателскиот комплекс.
Вториот ден од Самитот, фоторепортерите на Анадолу го фотографираа и снимаа францускиот претседател Емануел Макрон додека џогираше во паркот „Сегменлер“ во анкарската Општина Чанкаја и ги поздравуваше граѓаните.
Агенцијата во текот на целиот ден обезбедуваше специјални содржини од отворањето на Самитот во Претседателскиот комплекс, заедничката фотографија и состаноците на лидерите. Исто така, известуваше од завршните прес-конференции на лидерите, вклучувајќи ги и изјавите на Ердоган и Трамп.
Најважните моменти, случувања и детали од дводневниот самит беа споделени на корпоративните профили на социјалните мрежи на Анадолу, додека фотографиите направени за време на настанот континуирано им беа испорачувани на претплатниците и на меѓународните партнерски новински агенции.
За време на Самитот, Анадолу произведе околу 2.000 вести, повеќе од 4.000 фотографии, околу 250 видеа, 30 инфографици и десетици мултимедијални и поткаст содржини на 13 јазици, првенствено на турски, англиски и арапски, наменети за локалните и меѓународните медиуми.