АНКАРА (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР/ЛЕВЕНТ ТОК - Терористичката организација ПЈД/ПКК, која го окупираше поголемиот дел од сириската територија на границата со Турција, за Анкара претставува една од најголемите безбедносни закани. Терористичкото гнездо во Африн, освен што е закана за турските градови, за регионот расчистен со офанзивата „Штитот на Еуфрат“ и зоната без судир во Идлиб, за терористите кои имаат поддршка од САД, оваа точка има потенцијал во иднината да биде излез на Средоземното Море, наведува Anadolu Agency (AA).
Африн се наоѓа на самиот северозападен дел на Сирија и е еден од најголемите делови на покраината Алепо. Граничи со турските градови Хатај и Килис, и се отвора кон планините Нур.

Откако започна граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Африн беше еден од сириските региони во кои терористичката организација ПЈД/ПКК беше најактивна.
Со помош на тактичката поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и Русија, и поддршката на САД од источната страна на Еуфрат, терористичката организација во Африн јакнеше со текот на времето.
Организацијата посебно се зајакна благодарение на силната воена поддршка на САД, врз основа на која денес под окупација држи 65 отсто од територијата на сириската граница со Турција.
Граничните градови под закана
Високите делови на Африн кои се протегаат од планините Нур од турскиот град Хатај, за Африн претставуваат природен штит. Но, возвишенијата околу Африн исто така на терористите им овозможуваат директно дејствување на целиот турски град Килис и делумно на Хатај.
Планините околу Африн со планините Нур во Хатај се поврзани со нерамни терени кои е тешко да се контролираат, поради што на овој терен многу често доаѓа до обид за премин на терористите.
ПЈД/ПКК преку оваа територија ги провлекува милитантите, оружјето и муницијата, и на тој начин ги храни терористите на ПКК на подрачјето на Турција. Терористите од Африн многу чество вршат провокативни истрели кон турските градови Килис и Хатај.
Според информациите од безбедносни извори, терористите на тој регион префрлуваат противтенковски мини, минофрлачи, митралези DShK, Калашников, американски M-16 и друг вид на оружје и муниција.
Она што е значајно да се нагласи е дека меѓу вооружувањето кое САД од јуни 2016 година па наваму им го обезбедува на терористите на ПЈД/ПКК, се наоѓаат и FGM-148 Javelin, американски противоклопен ракетен систем. Турција во повеќе наврати упати барање до САД за купување на овој систем, но САД тоа не го дозволи.
Отскочна даска за излез на Средоземното Море
ПЈД/ПКК, откако стана сојузник на САД во наводната борба против терористите на ДЕАШ, презеде контрола над значајни делови од сириската територија.
Со поддршка на САД од воздух и од копно, ПЈД/ПКК презеде една четвртина од територијата на Сирија.
Во тоа ширење, терористичката организација, која во иднина сака да формира држава и да добие поддршка од светот, како своја главна цел го постави излезот на Средоземното Море.
За терористичката организација која од сириско-ирачката граница на исток, се протега долж сириско-турската граница, Африн претставува отскочна даска.
Турција со офанзивата „Штитот на Еуфрат“ делумно ја прекина терористичката врска меѓу исток и запад. Сепак, благодарение на повеќедимензионалната соработка со Асад, терористичката организација преку режимската територија успева да воспостави врска од границата со Ирак до Африн.
Терористите поради тоа веруваат дека Африн е нивна точка за излез на Средоземното Море.
Опасност по „Штитот на Еуфрат“
Африн се наоѓа на крајно западната точка на регионот кој е исчистен од терористичките елементи за време на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која заеднички ја спроведоа турските сили и Ослободителната војска на Сирија.
ПЈД/ПКК пред офанзивата „Штитот на Еуфрат“, поточно на почетокот од 2016 година, со поддршка на Русија и режимот на Асад, започна да се шири кон овој регион.
Откако во јуни 2015 година, со воздушна поддршка на САД презеде контрола над Тел Абјад, меѓу Хасека и Ајнулараб, терористичката организација започна со етничко чистење на арапското и туркменското население во регионот. Со зачестените напади, ПЈД/ПКК го принуди населението да се исели.
Терористичките елементи кои тогаш излегоа од Африн, го окупираа местото Тел Рифат и околината, кои беа под контрола на опозицијата и тамошните Арапи.
Терористичката организација во Азаз, кој граничи со Африн, врши постојани провокации кон опозициската војска и локалното население.
Во последните неколку месеци загинаа голем број цивили во терористичкото делување од планините околу Африн.
Опозицијата во Сирија наведува дека во случај на повлекување на Турција од овој простор, ПЈД/ПКК планира во потполност да презеде контрола над регионот исчистен за време на офанзивата „Штитот на Еуфрат“.
Терористите на тој начин сакаат да ја поврзат западната страна на Еуфрат со регионот на Африн.
Опасност по зоната без судири во Идлиб
Идлиб, сирискиот град под контрола на опозицијата и противрежимските групи, претставува ѕид кој ги блокира ПЈД/ПКК од јужниот дел.
Благодарение на иницијативата која ја покрена Турција и договорот кој е постигнат во Астана, формирањето на зоните без судир во овој регион не им е во корист на терористите на ПЈД/ПКК.
Во случај силите на Асад, групите кои ги контролира Иран и Русија, да успеат да го скршат отпорот во Идлиб, ПЈД/ПКК очекува дека ќе може да напредува кон Средоземното Море на потегот Африн-Идлиб.
Поради тоа, на терористичката организација не ѝ одговараше тоа што турската војска влезе во Идлиб и во јужниот дел на Африн формираше набљудувачки точки. Оттогаш, многу често предизвикуваат провокации кон турската војска која започна со набљудувачките активности во овој регион.
Во случај Турција да покрене акција кон Африн, безбедноста и функционалноста на контролните точки во регионот ќе бидат загарантирани.
Цивилите ќе се вратат во своите домови
Во случај Турција да покрене акција кон Африн, една од главните цели секако ќе биде на цивилите да им се овозможи враќање во Тел Рифат, кој е окупиран од страна на терористите.
По окупирањето на Тел Рифат, околу 50 000 Арапи побегнаа во Азаз на границата со Турција, кој е под контрола на опозициската војска. Жителите на Тел Рифат во Азаз живеат со надеж дека еден ден ќе се вратат во своите домови.
Населението кое остана во Тел Рифат е изложено на различни видови притисок од терористичката организација, кои меѓу останатото, присилно ги вооружуваат.
САД, кој од ПЈД/ПКК започна да прави војска под називот „Гранични безбедносни сили“ (BSF), официјално објави дека сака да ја сочува територијата која е под контрола на терористичката организација.
Во случај планот на САД да биде успешен, и во случај на потполно замрзнување на судирите во земјата, тогаш воено посилната ПЈД/ПКК ќе очекува поголемо парче од колачот од новата управа.