Hatice Özdemir Tosun,Coşkun Ergül
16 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Анакара изјави дека НАТО е одговорен за заштитата на границите на земјите-членки, но ставот на тој сојуз во врска со заканите по турските граници не е видлив, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган за време на денешното обраќање во Анкара зборуваше за повеќе теми, но упати и критики кон НАТО.
„Посебниот прекор е за НАТО. Вие сте одговорни за заземање став во случај на закана за границите на некои од сојузниците. Кој став досега сте го зазеле?“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на мегапроектите на Турција и рече дека земјата ќе продолжи да работи за да ги исполни целите поставени за 2023, 2053 и 2071 година.
Тој истакна дека во изминатите 15 години се отворени 110 универзитети и дека во следниот период тие ќе продолжат да работат за подобрување на квалитетот на образованието. Потсети и на подобрувањето на здравствените услови.
Тој рече дека на 1 156 отворени болници отворени се дополнителни 3 500 и дека болниците се опремени со најсовремена опрема.
Ердоган додаде дека бројот на здравствените работници од 378 000 е зголемен на 900 000.
Укажа на големиот број мостови, тунели, аеродроми, патишта и брани изградени во наведениот период, а се осврна и на борбата против тероризмот во Сирија.
„Утре, задутре, за кратко време ќе бидат уништени сите терористички гнезда во Сирија, почнувајќи од Африн и Мунбич. Тоа не можат да го спречат ниту оние кои нѐ напаѓаат од зад грб, а наизглед се наши сојузници, ниту маргиналните заговарачи на тероризмот кои личат на политичари“, рече турскиот претседател.
Тој на прашањето дали опозициската војска ќе биде вклучена во акцијата за Африн, Ердоган рече: „Се разбира. Оваа борба впрочем се води за нив. Ние таму им помагаме на нашите браќа да ја заштитат и зачуваат својата територија“.