МУГЛА (AA) – ДУРМУШ ГЕНЧ / САБРИ КЕСЕН
Мугла, каде што се наоѓаат популарните центри за туризам, стана најпопуларна дестинација за одмор на Британците, благодарение на обезбедените безбедни и здрави туристички услуги и покрај новиот вид епидемија на коронавирусот (Ковид-19).
Мугла, која се наоѓа меѓу важните туристички дестинации во светот, се издвојува со морето, песокот, сонцето, како и со историските и природните убавини, античките градови и луксузните сместувачки капацитети.
Во градот, кој секоја година е домаќин на милиони туристи, понуден е здрав и безбеден туризам во рамките на „Програмата за сертификација на безбеден туризам“ иницирана во процесот на епидемијата на Ковид-19, под координација на Министерството за култура и туризам на Турција.
Поголемиот дел од британските туристи и во 2020 година, исто како и во 2019, како дестинација за одмор ја избраа Мугла.
Според информациите на АА, базирани на Директоратот за култура и туризам на Мугла, минатата година областа ја посетиле 695.314 туристи.
Во Мугла, според податоците, најмногу туристи пристигнале од Велика Британија, 309.717, потоа следуваат Русија со 159.397, Украина со 127.564, Полска со 17.424 и Германија со 16.313 туристи.
- Најголем пазар од Велика Британија
Потпретседателот на Туристичката федерација на хотелиери во Турција (TÜROFED) и претседател на Унијата на туристички хотелиери и оператори на Јужен Егеј, Булент Булбулоглу, за дописникот на АА рече дека во Мугла најмногу туристи доаѓаат од Велика Британија.
Наведувајќи дека Мугла е популарен регион во Велика Британија, Булбулоглу рече:
„Иако сезоната на туризам во светот не помина добро во 2020 година поради Ковид-19, ние бевме домаќини на околу 310 илјади британски туристи. Земјите што се наши конкуренти не успеаја да бидат домаќини на толкав број гости од Британија. Ние му придаваме големо значење на пазарот во Велика Британија.“
Нагласувајќи дека како работници во секторот направиле сериозни напори заедно со Министерството за култура и туризам за време на епидемијата, Булбулоглу рече дека се надеваат дека 2021 година ќе биде подобра.
Булбулоглу, наведувајќи дека продолжуваат со работа на пазарот во Велика Британија, рече дека добиле позитивни повратни коментари од гостите.
- „Мислам дека ќе имаме подобра туристичка сезона“
Претседателот на Здружението на туристички агенции на Турција за областа Мармарис, Суат Есин, истакна дека во епидемијата Министерството и претставниците на индустријата работеле многу добро.
Есин рече дека како резултат на тие напори, британските туристи во јули и август дошле во регионот.
„Тоа стана спас за нашиот регион. За 2020 година немавме очекувања. Но, во тие два месеца работевме добро. Во 2021 година очекуваме да дојдат повеќе туристи. Британците со години наназад имаат навика да доаѓаат во Мармарис. Нивниот најголем избор е морето, природата и сонцето. Имаше сериозно раздвижување во турите со јахти и вила-туризмот. Тоа беше многу пријатно за нас. Ако нема проблеми со вакцинацијата, мислам дека ќе имаме подобра туристичка сезона. Во секоја земја има заедници кои се желни да патуваат“, додаде Суат Есин.
Јуџел Окутур, претседател на Здружението на туристички хотелиери во Даламан, Ортаџа и Кајчејиз, рече дека Британците не ги менуваат лесно своите навики, го сакаат регионот и дека повторно ќе доаѓаат.
news_share_descriptionsubscription_contact
