МОСУЛ (АА) - Откако источниот дел на ирачкиот град Мосул беше во потполност ослободен од терористичката организација ДЕАШ, во тек се подготовките за ослободување и на западниот дел на тој град, јавува Anadolu Agency (AA).
Со завршувањето на двете фази, ослободувањето на периферијата и на источниот дел од градот, започнаа подготовките за последната фаза којашто ќе биде завршена со ослободување на преостанатиот дел од градот од припадниците на терористичката организација ДЕАШ.
Воени официјални претставници истакнуваат дека акцијата што ќе биде извршена во западниот дел на градот ќе биде потешка и побавна поради тесните улици и речиси 750.000 лица што живеат на тоа подрачје.
Податоците за градот Мосул покажуваат дека од 183 населби, 83 се во западниот дел. Освен тоа, многу државни институции, болници, индустриски зони, па и аеродромот, кој е од стратешка важност, се сместени во западниот дел од градот.
Гувернерот на Мосул, Невфел Хамади ес Султан изјави дека според нивните податоци, во градот живеат околу два милиони лица, но оти немаат прецизни податоци за тоа колку луѓе живеат во одделни делови од градот.
Портпаролот на Дирекцијата за заеднички операции на Ирак, Јахја Ресул изјави дека претпоставуваат оти во западниот дел на Мосул, кој е во рацете на ДЕАШ, живеат околу 750.000 цивили.
Ресул изјави дека акцијата ќе напредува тешко и бавно поради тесните улици во населбите и поради големиот број цивили што живеат во тоа подрачје.
Споменатите улици ќе го отежнат и движењето на оклопните возила на ирачката војска, што негативно ќе се одрази на текот на операцијата.
Тој додаде дека за да ги неутрализираат терористите, ирачките војници ќе мораат да напредуваат без да користат оклопни возила и тешко вооружување, но и неможноста за воздушна поддршка, поради цивилното население, ќе биде уште еден фактор што ќе ја отежне операцијата.
За време на другите операции, во источниот дел на градот се уништени пет моста на реката Еуфрат, која го дели градот на два дела, па поради тоа сега треба да се изградат таканаречени пловечки мостови.
Ресул изјави дека во вообичаени услови се потребни неколку часа за да се направи таков вид на мост, но дека во овој случај опасност претставуваат припадниците на терористичката организација ДЕАШ, кои би можеле да извршат напад.
Силите што ќе учествуваат во акцијата за ослободување на западниот дел на Мосул, освен преку пловечките мостови на Еуфрат, ќе напаѓаат и од градовите Ал Кајара и Хамам aл-Алил, кои се наоѓаат јужно од Мосул.
Ирачките сили што се позиционирани во јужниот дел, се на неколку километри оддалеченост од аеродромот во Мосул кој се наоѓа во рацете на терористите на ДЕАШ.
Саид Мемозини, член на Курдската демократска парија (КДП) смета дека акцијата во западниот дел ќе биде потешка од онаа во источниот.
Според неговите зборови, со користењето на позициите на силите Пешмерга, ирачките сили брзо напредуваа во источниот дел на градот, но тоа не е случај со акцијата во западниот дел.
„Не е возможно силите Пешмерга во борбата против ДЕАШ во западниот дел да им дадат логистичка поддршка на ирачките војници како што тоа го правеа во источниот дел. Освен тоа, за да дојдат до подрачјето на воените операции, потребно е да ја преминат реката Еуфрат. Исто така, доколку на сето тоа се додадат старите и тесни улици, кои ја намалуваат можноста за движење на војниците со оклопни возила, видливо е дека ДЕАШ има поголема предност во западниот дел“, смета Мемозини.
Во третата фаза, во која во потполност ќе биде отстрането присуството на ДЕАШ во Мосул, ќе се придружат и тимовите за борба против тероризмот, но и силите на ирачките федерални единици.
Се предвидува дека и воените советници на коалициските сили предводени од САД ќе дадат поддршка и на новиот фронт, како што тоа го правеа и за време на акциите на источниот дел на градот.
Силите Пешмерга се стационирани во северниот, источниот и во југоисточниот дел на Мосул и не се поврзани со Западот, и затоа не е возможно дека ќе учествуваат во акцијата за ослободување на преостанатиот дел од градот.
Акцијата за ослободување на западниот дел од градот внимателно се планира и од хуманитарен аспект. Планирано е да се изведе евакуација на цивилите за тие да не се најдат на подрачјето на судири на ирачката војска и припадниците на терористичката организација ДЕАШ.
Се претпоставува дека цивилите се обидуваат да пребегнат во јужните и во источните подрачја на кои се наоѓа ирачката војска, и дека недостатокот на мостови на реката Еуфрат дополнително ќе го отежне бегството кон исток.
Обединетите нации и централната ирачка власт започнаа со работа за формирање нови бегалски кампови за да биде ставен под контрола мигрантскиот бран кон јужните делови.
Претходно, координаторката за хуманитарна помош за Ирак при ОН, Лиса Гранде изјави дека на периферијата на Мосул се наоѓаат 20 бегалски кампови и дека работат на подготовките за дополнителни десет за новиот мигрантски бран да биде ставен под контрола. Според нејзините зборови, одредени стари кампови се проширени и зголемени се нивните капацитети.
Новите кампови би требало да бидат формирани во близина на Хамам aл-Алил и Aл-Кајара.
Акцијата за ослободување на Мосул започна на 17 октомври 2016 година, а источниот дел на градот е потполно ослободен од 24 јануари.