Nuray Tunçay
23 Февруари 2016•Ажурирај: 24 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер Ахмет Давутоглу, рече дека не е оптимист кога е во прашање воспоставувањето на мирот и примирјето во Сирија, како што вели, силите на сирискиот режим и неговите сојузници ги злоупотребуваат дипломатските процеси и на терен убиваат сè повеќе луѓе, пренесува Anadolu Agency (AA).
Давутоглу во разговор со новинарот од Ал Џезира, Џамал Ел-Шајал, ги коментираше актуелните случувања во Турција и регионот, со посебен осврт на сириската криза.
„Секако, сакам во Сирија да дојде до воспоставување на примирје и мир. Никој во тој правец не се залага повеќе од Турција, но ако прашувате дали сме оптимисти, мораме да бидеме реални. Не сме оптимисти бидејќи сирискиот режим, Русија, Иран и другите нивни елементи на терен ги злоупотребуваат сите дипломатски процеси и уште повеќе убиваат луѓе”, рече Давутоглу.
Коментирајќи ја актуелната ситуација на војувалиштата ширум Сирија, Давутоглу рече дека е погрешно мислењето дека силите на сирискиот режим и нивните сојуници победуваат во таа војна. Додаде дека режимската војска, и покрај големата поддршка од руските воздухопловни сили, не успеа да заземе бројни градови, вклучувајќи ги и Идлиб и Алепо.
„Турција отсекогаш била покрај народот на Сирија. Да не е така, како би се одбранил тој народ. Ако кажеме дека денес постои вистинска умерена опозиција во Сирија, тоа е сигурно плод на турската поддршка. Плод на нашата помош е и тоа што сирискиот народ и понатаму е во Тел Рифат, Алепо, Азаз и ги брани своите огништа, и покрај фактот што руските воздушни сили минатата недела во тие подрачја изведоа жестоки напади и над 500 летови. Нашата поддршка ќе продолжи и понатаму. Всушност, ние конкретно го поддржуваме сирискиот народ, а не сме од оние кои само усно ги осудуваат нападите врз него”, рече Давутоглу.
На прашањето на новинарот да ја коментира актуелната ситуација на турско-сириската граница, каде што пристигнаа десетици илјади сириски бегалци, Давутоглу рече дека Турција и понатаму ќе пружа секаков вид помош на тие луѓе на сириската страна од границата.
„Меѓутоа, ако и понатаму сакаат да влезат во Турција и доколку нивните животи таму се загрозени, ние сигурно никогаш нема да ја затвориме својата граница. Не можеме своите сириски браќа да ги препуштиме на милоста на варварскиот режим, на ДАЕШ, на Иран или другите сили лојални на нив на теренот”, порача Давутоглу.
Осврнувајќи се и на терористичкиот напад на 17-ти февруари во Анкара, во кој беа убиени 28 а рането 81 лице, шефот на турската влада, Давутоглу, кажа дека опсежната истрага за краток рок резултираше со идентификување на напаѓачот.
Нагласувајќи дека нападот е заедничко дело на терористичките организации ПКК и ЈПГ, Давутоглу рече дека ЈПГ е „огранок” на ПКК и дека во тоа нема никаков сомнеж.
Запрашан да ги прокоментира критиките на одредени кругови кои ја обвинуваат турската влада дека не можела да го заштити својот народ, Давутоглу рече дека тие критики се неосновани и дека тие критичари не треба да заборават дека во опкружувањето на Турција постојат шест земји во кои владите не ја контролираат сета своја територија.
„Само со Сирија и Ирак делиме 1.300 километарска граница, а во нашето опкружување гори голем пожар. Ризикот е уште поголем што од другата страна на границата нема контрола на границите. Истовремено, во Турција имаме 2,6 милиони бегалци”, рече Давутоглу.