Faruk Zorlu
25 Јули 2021•Ажурирај: 26 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Двајца турски војници загинаа, а двајца се ранети кога терористи нападнаа оклопно возило што превезувало војници во северна Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во нападот извршен од терористите врз нашето возило Кирпи во зоната на операцијата „Штитот на Еуфрат“, двајца наши храбри војници смртно настрадаа, а двајца колеги се ранети“, објави турското Министерство за одбрана на Твитер.
„Веднаш по нападот на терористите, изведени се жестоки напади врз терористичките цели во регионот“, се истакнува од Министерството и се додава дека терористичките точки се ефикасно погодени.
Се наведува дека акциите врз позициите на терористите продолжуваат.
Турските сили во текот на изминатите четири години изведоа неколку успешни антитерористички операции во северна Сирија, по должината на сириско-турската граница: „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019). Целта на овие операции беше ослободување на пограничниот појас од терористичките организации, спречување на формирањето терористички коридор и воспоставување безбедна зона за цивилите.