Can Erözden
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е тиранин кој ги масакрира палестинските деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател, кој присустуваше на голема церемонија на отворање во Анкара, упати критики за забелешките на Нетанјаху што тој ги даде вчера.
„Ти си злосторник одговорен за масакрите врз палестинските седумгодишни деца“, му порача Ердоган на Нетанјаху.
Тој, исто така, го критикуваше Израел за нападите на комплексот на џамијата „Ал Акса“, велејќи дека турскиот народ ќе го подигне својот глас за каков било напад против џамијата.
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, денес се осврна на изјавите на израелскиот премиер, кои беа упатени кон турскиот лидер.
Тој изјави дека Нетанјаху го нападнал Ердоган, поради тоа што тој ги открил расистичките изјави на израелскиот лидер кон Арапите и муслиманите.
Нетанјаху вчера кажа дека Израел е земја само на еврејскиот народ, а не на сите граѓани.
Ердоган нагласи дека Турција ќе биде против секој израелски напад на џамијата „Ал Акса“ и дека турскиот народ нема да молчи, дури и ако остатокот од светот не сака да зборува.
Тој изјави дека Турција ќе ја продолжи својата борба за Ерусалим сè додека градот не се администрира на начин кој е соодветен со неговата важност за исламскиот свет.
Ердоган, исто така, го предупреди Израел дека Турција ќе повика на одговорност за нападите во комплексот на џамијата „Ал Акса“ пред меѓународната заедница.
Тензиите во Ерусалим ескалираа уште минатиот месец кога израелската полиција накратко затвори еден од влезовите на џамијата „Ал-Акса“, на источните ѕидини од стариот дел на Ерусалим, што предизвика протести на Палестинците.
Оттогаш, израелските власти им забранија на голем број Палестинци, вклучувајќи и верски претставници, да влезат во комплексот.
Израел го окупираше Источен Ерусалим, каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Целиот град го анектираше во 1980 година, потег кој никогаш не беше признат од меѓународната заедница.