Arife Yıldız Ünal
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
АНКАРА (АА) - Властите на Република Турција заради безбедноста на патниците го затворија воздушниот простор за летови на патничките авиони „Boeing 737-8 MAX“ и „Boeing 737-9 MAX“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Воздушниот простор на Турција е затворен за комерцијалните летови на авионите на „Боинг“, но со забраната не се опфатени летовите на тие модели од, во и преку Турција во случај да летаат без патници“, се наведува во соопштението на турското Министерство за транспорт и инфраструктура.
Станува збор за тип на авион кој во изминатите пет месеци дури двапати се урна, при што загинаа вкупно повеќе од 300 лица.
Слична одлука утринава соопштија и властите на Индија и Казахстан, а претходно тоа го сторија и Европската Унија, Кина и голем број земји низ светот.
Приземјувањето на авионите на „Боинг“ од типот „737 Max 8“ следуваше по авионската несреќа во Етиопија во неделата, во која загинаа 157 патници и членови на посадата. Во ноември истиот модел се сруши во слична несреќа во Индонезија.
Иако САД порачаа дека е сигурно да се користат авионите на „Боинг“, голем број земји веќе ги запреа летовите на авионите „Boeing 737-8 MAX“ и „Boeing 737-9 MAX“, напоменувајќи дека сакаат да ги проверат безбедносните ризици поврзани со користењето на овие модели на авиони.