Aybala Arpacı
21 Ноември 2016•Ажурирај: 21 Ноември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека е разочаран со политиката на САД кога е во прашање Сирија и испораката на Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на програмата „60 минути“, за американската телевизија „Си-би-ес“, Ердоган ја коментираше ситуацијата на Блискиот Исток, процесот за испорака на Ѓулен во Турција и за билатералните односи меѓу Анкара и Вашингтон.
Водителот на програмата Стив Крофт, ја започна емисијата со кадри од Истанбул и со музиката на турскиот воен оркестар „Мехтер“, а Турција ја претстави како неизбежен, но и лут сојузник на НАТО којшто се наоѓа во регион што 2.000 години е средиште на различни војни.
Во воведот на емисијата, за билатералните односи меѓу САД и Турција коментираше и поранешниот американски амбасадор во Анкара, Џејмс Џефри, кој изјави дека тие односи се исклучително важни и комплицирани, и најави дека токму тие односи би требало да бидат на врвот на дневниот ред на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Џефри ја нагласи важната геополитичка позиција на Република Турција, и рече дека САД не смеат да дозволат да ја изгубат можноста за користење на турската воена база Инџирлик, бидејќи, како што рече тој, без таа турска воена база не би била можна борбата против терористите на ДЕАШ во Сирија и во Ирак.
Во продолжението на програмата, турскиот претседател Ердоган изрази жалење поради неуспешната американска политика во Сирија. Тој изјави дека за тоа често разговарал и со американскиот претседател Барак Обама и со потпретседателот Џо Бајден, но дека тие никогаш не го сфатиле тоа прашање сериозно.
„Ќе ви кажам отворено, бидејќи јас сум човек што така зборува. Не би било вистина ако кажам дека не сум разочаран од американската политика за Сирија. Да, разочаран сум“, изјави Ердоган откако новинарот Кроф праша дали е лут поради американската политика.
Осврнувајќи се на неуспешниот јулски обид за воен удар во Турција, новинарот Крофт го праша Ердоган дали се плашел за себе и за своето семејство со оглед на тоа што пучистите се обиделе да извршат атентат врз него во хотелот во кој одмарал.
Стив, во нашата вера постои една работа, овој свет е минлив и ние веруваме до крајот на овој живот. Меѓутоа, ако сте лидер во ваква ситуација, вие морате да упатите порака до народот за неговата бесмртност бидејќи сум уверен во тоа дека народот ќе се скрие зад планини ако неговиот лидер се крие зад каменот“, изјави Ердоган.
Ердоган потсети дека Турција претходно ги има испорачано терористите што САД ги барале од неа, и порача дека Турција го очекува истото од САД кога е во прашање екстрадицијата на Ѓулен, лидерот на терористичката организација ФЕТО, која го изврши неуспешниот обид за пуч.
На прашањето дали смета дека американските разузнавачки служби биле вмешани во обидот за пуч во Турција, Ердоган изјави дека тој никогаш без аргументи не зборува дека некој нешто направил или не направил, но дека народот на Турција смета дека е така.
„Па зошто тој човек е и понатаму кај вас? Не замерувајте, но сѐ додека вие таму го криете тој човек, нема да се смени ставот на Турција и на нејзиниот народ“, изјави Ердоган.
Новинарот Крофт на тоа искоментира дека Ердоган не сторил ништо за таквата перцепција за САД да се промени, на што турскиот претседател одговори дека тој не може да го мами својот народ и дека тој е најмногу погоден кога за одбраната на земјата од пучистите, животите ги загубија 241 турски маченик, и дека САД не се тие што се на мака.
Осврнувајќи се и на критиките што одредени кругови ги упатуваат до Турција поради наводните „прекумерни“ реакции на обидот на пуч, Ердоган изјави дека е невозможно да се очекува Турција да биде нема на заканата за нејзино уништување, но дека сите процеси се водат пред правосудните институции и во рамките на владеењето на правото.
Коментирајќи ја поддршката што САД ја ѝ дава на групата ЈПГ, која е сириски огранок на терористичката организација ПКК, Ердоган изјави дека нема добри и лоши терористи и дека не смее еден терорист да се брани само затоа што наводно и тој се бори против некој друг терорист. Тој додаде дека Турција не може да постигне договор за тоа со САД.
На прашањето на новинарите дали Турција го ревидира своето сојузништво со НАТО и со САД по неуспешниот обид за пуч и нормализацијата на односите со Русија, Ердоган изјави дека тоа моментално не е случај и дека Турција се придржува до сите норми и принципи на кои е заснован НАТО.