Ekipa
08 Април 2019•Ажурирај: 08 Април 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Западниот Брег во секој случај е територија на Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган имаше обраќање за медиумите на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул пред да отпатува за Русија, во која ги критикуваше изјавите на израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, кој вети дека по изборите во Израел ќе го анектира окупираниот Западен Брег.
Ердоган рече дека секоја работа која ја врши Нетанјаху е спротивна на меѓународното право.
„Западниот Брег секако, е територија на Палестинците“, додаде турскиот претседател.
- Соработката на Турција со Русија расте и се зајакнува -
Ердоган пред заминувањето за Москва истакна дека соработката на Турција со Русија расте и се зајакнува.
„Нашата соработка постојано расте и зајакнува. Состаноците на Високиот совет за соработка кој го основавме во 2010 година, продолжуваат на ист начин со институционален карактер“, рече Ердоган.
Ердоган информираше дека на средбата со неговиот руски колега, Владимир Путин, ќе разговараат за билатералните односи меѓу двете земји, како и за глобалните и регионалните теми, пред сè за Сирија.
„Прашањето за визна либерализација сигурно дека е една од значајните теми во нашата агенда“, додаде турскиот претседател.
Исто така, во овие рамки се планира и потпишување на различни договори.
Во рамки на состанокот на Советот за кој станува збор, Ердоган и Путин ќе се состанат со турските и руски бизнисмени.
Ердоган во Русија е придружуван од делегацијата составена од страна на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез, министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, министерот за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, министерот за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, министерката за трговија, Рухсар Пекџан, министерот за транспорт и инфраструктура, Мехмет Џахир Турхан, претседателот на разузнавачката служба МИТ, Хакан Фидан, шефот за комуникација при турското Претседателство, Фахретин Алтун, како и шефот за одбранбена индустрија при турското Претседателство, Исмаил Демир.
Меѓу другото, светски познатиот театар во Москва, „Болшој“, ќе биде домаќин на отворањето на „Годината на култура и туризам 2019“ прогласена од Турција и Русија, во чии рамки Државната опера и балет на Анкара ќе се претстави со оперската претстава „Троја“.