Halil Demir
14 Август 2020•Ажурирај: 15 Август 2020
ИСТАНБУЛ
Во притвор се задржани 12 од 37 војници во активна служба фатени во операцијата организирана во Турција против структурите на терористичката организација ФЕТО во Вооружените сили на Република Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обвинителството во Истанбул соопшти дека е завршено процесуирањето на 37 осомничени лица приведени во акциите кои на 11 август се организирани во 12 големи градови, меѓу кои е и Истанбул.
Четири од 37 уапсени се пуштени од притвор откако се согласиле да сведочат во својство на покајници. Притвор е одреден за 12 лица, додека 20 се ослободени од изречените мерки за забрана. На едно лице му е дозволено да се брани со слобода.
Потсетуваме, Обвинителството во Истанбул, во рамките на истрагата против структурите на ФЕТО во Вооружените сили на Турција, по собраните докази издаде налози за приведување на 40 војници во активна служба.
Во операцијата организирана на 11 август приведени се 37 лица.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.