Zafer Fatih Beyaz
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, по повод одбележувањето на 104. годишнина од Поморската битка и победата во Чанаккале истакна дека оние кои мислат дека Битката кај Чанаккале е само една од битките, не ја разбираат Турција, ниту нејзиниот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние историјата во Чанаккале ја испишавме со нашата крв. Ја испишавме предводени од Мустафа Кемал. Денес повторно ја пишуваме и пак ќе ја пишуваме“, рече Ердоган на собирот што се одржа на стадионот „18 Март“.
Низ цела Турција, но и во светот, на различни начини се одбележува Денот на сеќавањето на шехидите (загинатите херои) и 104. годишнина од Битката кај Чанаккале. Во Европа таа е позната како Битка на Галиполе и е една од најкрвавите и најжестоките битки во Првата светска војна, но според многу показатели, и во историјата воопшто.
Поморската битка што се водеше помеѓу 3 ноември 1914 година и 18 март 1915 година кај Галиполе, како и копнената битка која се водеше на Галиполе од 25 април 1915 година до 9 јануари 1916 година, се битки кои го заземаат најважното место во Турција, а и во историјата на сите муслимански народи во овој дел од светот.
„Оние кои Битката кај Чанаккале ја сметаат само една од обичните битки во минатото, тие не разбираат и немаат врска со ова подрачје, со овој народ, ниту пак, со оваа земја. За оваа земја и за овој народ нема право да говори никој кој во длабочината на срцето не го чувствува духот на Чанаккале“, порача Ердоган.
Турскиот претседател ги поздрави сите браќа на Балканот, во Северна Африка, Блискиот Исток, Кавказ и во сите региони кои биле во рамки на границите на Османлиската држава и од кои подрачја учествуваа борци и ги дадоа своите животи во Битката кај Чанаккале.
„Ние сме тука, на Чанаккале, во оваа земја сме со Тракија и Анадолија. Тука сме, на Чанаккале, Турци, Курди, Арапи, Черкези, Бошњаци. Илјада години сме тука, и ако даде Бог, ќе останеме тука до Судниот ден. Од Истанбул нема да можете да направите Константинопол“, порача Ердоган.
Тој им оддаде почест на сите шехиди кои ги дадоа своите животи за време на Првата светска војна, како и оние кои ги дадоа своите животи за време на војната за независност на Турција и во текот на обидот за државен удар, кој се случи на 15 јули 2016 година.
„Бог веќе никогаш да не го стави овој народ на искушение како она за време на Битката кај Чанаккале. Меѓутоа, во случај тоа да се случи, бидете сигурни дека ние нема да се плашиме како и пред 104 години да направиме сè морето и тлото на Чанаккале да бидат гробишта на непријателите“, рече Ердоган.
Тој, исто така, укажа на постојаните напади на турската, и воопшто на муслиманските заедници, здруженија и џамии во Европа, како и на неодамнешниот терористички напад во двете џамии во Нов Зеланд.
„По 104 години повторно се обраќаме од Чанаккале и порачуваме дека ја разбираме пораката. Ги сфативме вашите намери и сфативме дека омразата сè уште живее во вас. Сфативме и што е тоа кога терорист убива 50 муслимани. Тоа не е чин на поединец, туку организиран чин“, порача Ердоган.