Sena Güler
30 Мај 2019•Ажурирај: 31 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека пакетот нови судски реформи ја покажува посветеноста на земјата кон полноправното членство во Европската Унија (ЕУ), и покрај неодржаните ветувања, јавува Anadolu Agency (AA).
„Со овој реформски документ, иако ветувањата кои ни беа дадени, не беа одржани, ние ја изразуваме нашата посветеност кон процесот за полноправно членство во ЕУ“, изјави Ердоган на програмата во Конгресниот центар „Бештепе“, каде што го претстави стратешкиот документ за судски реформи.
„Ние веруваме дека завршувањето на преговарачкиот процес со ЕУ, кој е во тек уште од 2005 година, и покрај сè, има значење за Европа толку барем колку што има и за нас“, додаде Ердоган.
Турција аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година, а пристапните преговори започнаа во 2005 година.
Но преговорите се прекинаа во 2007 година поради противењето на администрацијата на кипарските Грци за поделениот остров Кипар, како и противењето на Германија и Франција.
Според реформите, на бремените жени, децата и постарите лица обвинети за ситни злосторства ќе им биде дозволено да ги служат своите казни дома преку носење на направа за електронски надзор.
Ердоган, исто така, рече дека реформскиот документ ќе ја зголеми довербата на граѓаните во судството и ќе обезбеди предвидлива инвестициска клима.
Тој, исто така, додаде дека документот ќе ја зајакне и унапреди слободата на говорот во иднина.