Diyar Güldoğan
01 Октомври 2022•Ажурирај: 03 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес ги отфрли наводите дека неговата земја доживува промена на оската, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Некои кругови се обидуваа да ги прикажат нашите надворешнополитички иницијативи како 'поместување на оската'. Меѓутоа, Туркије не доживува поместување на оската; таа ја зајакнува сопствената оска со паралелно остварување различни дипломатски односи во светот врз основа на нашите национални интереси“, рече Ердоган во Парламентот во главниот град Анкара.
Сместена на раскрсницата на три континенти, Туркије е значително погодена од глобалните случувања, рече турскиот претседател.
„Туркије го нема луксузот да се затвори кон себе, да се изолира од надворешниот свет и да ги следи настаните во нејзиниот регион со седење на оградата“, додаде тој.
Ердоган ја опиша политиката на Анкара како конструктивна и активна, и политика на преземање иницијатива во решавањето на глобалните и регионалните проблеми.
Тој подвлече дека Туркије не бара ескалација со другите земји, ниту пак „ќе попушти под притисок без оглед од каде тој доаѓа“.
„Ние силно ги браниме правата на Туркије во сите области со чесен, трпелив, одлучен и внимателен став“, рече тој, ветувајќи дека нема да му наштети на достоинството на нацијата.
Во врска со руско-украинската војна, Ердоган рече дека Туркије е за мир, дијалог и за тоа да биде „фер судија“.
„Со оглед на нашите блиски односи со двете земји, претпочитавме ставање крај на војната наместо разгорување на огнот и поттикнување бунт“, рече тој.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од трите украински пристаништа на Црното Море, кој беше запрен по почетокот на руско-украинската војна во февруари.
„ОН, чиј престиж е разнишан поради неадекватноста пред глобалните кризи, со овој договор забележаа едно од своите најголеми достигнувања во последните години, кој произлегува од интензивните напори на нашата земја“, рече Ердоган.