Турција

Ердоган: Туркије е на 11-то место во светот по извозот од одбранбената индустрија

Земјата е на работ на голема трансформација и возбудлив економски пробив, рече турскиот претседател, додавајќи дека „развојот (на случувањата) во нашиот регион ќе го олесни овој процес“

Merve Berker, Serdar Dincel  | 23.02.2025 - Обновена : 23.02.2025
Ердоган: Туркије е на 11-то место во светот по извозот од одбранбената индустрија

АНКАРА / ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије е светски лидер во производството на беспилотни летала и е на 11-то место на глобално ниво во извозот од одбранбената индустрија, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

Во обраќањето на состанокот на владејачката АК Партија во главниот град Анкара, Ердоган рече: „Туркије е светски лидер во производството на беспилотни летала и е на 11-то место на глобално ниво во извозот од одбранбената индустрија“.

Земјата е на работ на голема трансформација и возбудлив економски пробив, рече турскиот претседател, додавајќи дека „развојот (на случувањата) во нашиот регион ќе го олесни овој процес“.

Ердоган изјави дека владата подготвила Реформска програма за „Столетието на Туркије“, која ја опиша како „сеопфатна“ и програма која „ќе го зголеми потенцијалот за раст и продуктивноста на нашата земја“.

Во 2024 година, извозот на турската одбранбена и аеровселенска индустрија достигна рекордни 7,15 милијарди долари, што е раст од 29 отсто во споредба со претходната година и ја надмина годишната цел од 6,5 милијарди долари за 11 отсто.

Според Халук ЃорЃун, челникот на Секретаријатот за одбранбени индустрии на земјата, турските производи од одбраната се извезени во 180 различни земји, што го покажува глобалниот досег на секторот.

Туркије, исто така, го зајакна своето присуство во првите 100 компании од одбранбената индустрија во светот.

Земјата направи значителен напредок во извозот на дронови, испорачувајќи ги во повеќе земји.

„Бајкар“, клучен играч во индустријата, извезе вооружени беспилотни летала Бајрактар ТБ2 во 27 земји, од кои шест членки на НАТО и четири на Европската Унија (ЕУ), зајакнувајќи ја улогата на Туркије како водечки снабдувач во оваа област.

Постојаното проширување на одбранбениот сектор го истакнува растечкото влијание на Туркије на глобалниот пазар од одбранбената индустрија, поттикнато од технолошкиот напредок и стратешките партнерства.

- Борбата против тероризмот -

Турскиот претседател во своето обраќање ја истакна и непоколебливата одлучност на Туркије во борбата против тероризмот во сите форми.

Спомнувајќи ги терористичките организации ПКК и ФЕТО, Ердоган рече: „Теророт и политиката, теророт и демократијата не можат да коегзистираат“.

„Деновите кога темната сенка на тероризмот, насилството и оружјето целосно ќе исчезнат од нашата земја и од регионот се, ако даде Господ, многу блиску“, додаде Ердоган.

„Како Турци, Курди и Арапи, ќе се обединиме заедно и ќе го урнеме ѕидот на тероризмот што е изграден врз крвта на нашите деца во изминатите 40 години“, рече турскиот претседател, додавајќи: „Штом ќе се елиминира тероризмот, со божја помош, ќе започне нова ера - од демократија до развој, од братство до регионална интеграција.“

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која што е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.

ФЕТО го организираше неуспешниот обид за пуч во Туркије на 15 јули 2016 година, во кој загинаа 252 лица, а 2.734 беа повредени.

Терористичката организација ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на нејзини приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın