АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати критики до западните медиуми што неодамна се обидоа да влијаат врз јавното мислење со наслови за изборите во Туркије, пренесува Анадолу.
„Голем дел од нашите демократски придобивки во Туркије ги постигнавме борејќи се со насловите“, рече турскиот претседател во интервју во живо за националната телевизија ТРТ Хабер.
Тој додаде дека Западот не ја сака Туркије бидејќи таа го искорени тероризмот. „Во борбата против тероризмот отсекогаш сме биле оставени сами.“
Западот, исто така, е вознемирен од напредокот на Туркије во одбранбената индустрија, рече Ердоган.
„Дали им се допаѓа Туркије која станува сѐ посилна во одбранбената индустрија? Се разбира дека не нè сакаат. Нема да нè сакаат затоа што веќе не купуваме оружје или муниција од нив... Мојата нација им го даде овој одговор на 14 мај. Се надевам дека на 28 мај тоа ќе го направи повторно“, нагласи тој.
„Дали сте слушнале непријатност од Азербејџан, Катар и Либија поради нашите напори? Не. Кога ќе ги погледнеме оние што се вознемирени од нашиот успех, може појасно да видиме кој е пријател, а кој непријател“, додаде Ердоган.
Милиони гласачи излегоа на гласање на 14 мај за избoр на претседател на земјата и членови на Парламентот кој има 600 места.
Народна алијанса на Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека вториот круг од претседателската трка ќе се одржи во недела, на 28 мај.
Ердоган ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидер на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса, во вториот круг гласање.
Ердоган го заврши првиот круг со освоени 49,52 отсто од гласовите, Киличдароглу беше втор со 44,88 отсто, додека Синан Оган од Алијансата на предците АТА освои 5,17 отсто од гласовите.
Оган вчера го поддржа Ердоган за вториот круг, изјавувајќи: „Ние веруваме дека нашата одлука е вистинска одлука за нашата земја и нацијата.“
Ердоган му се заблагодари на Оган за неговата поддршка. „Оган многу добро го знае нашиот јасен став за борбата против тероризмот, односите со туркискиот свет и опстанокот на нашата татковина. Ние не направивме ни најмала отстапка за овие прашања.“
- Враќање на сириските бегалци -
Во однос на доброволното враќање на сириските бегалци, Ердоган рече: „Веќе го поддржавме безбедното и доброволно враќање на бегалците од самиот почеток. Досега речиси 560.000 бегалци се вратија во областите исчистени од тероризмот. Овој број ќе се зголеми бидејќи терористичките организации ќе се збришат од Сирија.“
Турскиот претседател посочи дека границите на Туркије се опремени со најнови технологии за безбедност. „Границите на Туркије се побезбедни од кога било досега“, истакна Ердоган.
Моментно во Туркије живеат над 3,7 милиони Сиријци, со што е земја што има примено најголем број бегалци во светот.
По почетокот на крвавата граѓанска војна во Сирија во 2011 година, Туркије усвои политика на „отворени врати“ за Сиријците кои бегаат од прогон и бруталност.
Сирија е вовлечена во жестока граѓанска војна од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад со неочекувана жестокост ги разби продемократските протести.
Стотици илјади луѓе ги загубија животите, а над 10 милиони се раселени, покажуваат податоците на Обединетите нации (ОН).
news_share_descriptionsubscription_contact
