Ekip
17 Октомври 2016•Ажурирај: 18 Октомври 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе учествува во акцијата за ослободување на Мосул, но и на преговарачката маса, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој на Меѓународниот конгрес за правда, кој се одржува во Истанбул, рече дека претходно разговарал со началникот на Генералштабот на турската армија, Хулуси Акар, кој моментално се наоѓа во САД, за чекорите што треба да се преземат по прашањето за ослободување на ирачкиот град Мосул од терористичката организација ДЕАШ.
„Видете, ние не сме одговорни за резултатите до кои може да се дојде во акциите во коишто не учествува Турција. Ние ќе бидеме и на преговарачката маса. Не е можно да останеме надвор од тоа, бидејќи за нас тука лежи една историја“, рече турскиот претседател Ердоган.
Претседателот Ердоган истакна дека не треба да се очекува Турција да излезе од кампот Башика.
„Никој нека не очекува дека ќе излеземе од Башика. Ние сме во Башика, и тука против терористичката органзиација ДЕАШ изведовме акции од сите облици и продолжуваме да ги изведуваме“, порача турскиот претседател и додаде дека во кампот Башика им се дава воена обука на локалните сили за борба против терористичката организација ДЕАШ.
Според неговите зборови, Турција во кампот ги обучува браќата од Мосул како да се борат против ДЕАШ.
„На ист начин, таму ги обучуваме и пешмергите. Кога не би бил кампот, вие не би можеле да најдете кадар кој на вистински начин би можел да се бори против ДЕАШ“, рече Ердоган.
Турскиот претседател потсети дека Турција со Сирија дели граница од 911 километри и истакна дека Турција била многу трпелива, кога станува збор за Сирија.
„Ни велат: ‘Не ве повика убиецот Асад, како одите таму?’ Извинете, но ние ќе одиме. Доколку сме под закана од тероризам, доколку таа земја претставува закана од гранатирање, тогаш ќе одиме“, додаде претседателот Ердоган.
Турскиот претседател порача дека САД не го одржале даденото веување, кога станува збор за сирискиот град Мунбич. Тој порача дека доколку коалициските сили не го расчистат теренот од ПЈГ и ЈПГ, тогаш Турција нема да делува со нив.
„Рекоа дека ПЈД и ЈПГ таму нема да влезат. ПЈД е терористичка организација. Таа е огранок на терористичката организација ПКК. Откако тие не го одржаа дадениот збор, ние го направивме потребното и продолжуваме во тоа. Видете, утрово им го пренесовме истото. Не стоите на сопствениот збор. Доколку од таму не ги исчистите ПЈД и ЈПГ, тогаш нема да делуваме заедно со вас. Ние сме стратешки партнер на коалициските сили на НАТО предводени од САД, и доколку вие не делувате заедно со нас, тогаш со кого ќе делувате, со терористички организации? Кој е тука рационалниот ум за делување? Има ли тоа место во правото? Можно ли е такво нешто? Се крши законот и се гази меѓународното право. Затоа, онаму каде што нема правда, владее прогонот и се случува прогон“, истакна претседателот на Турција Ердоган.