Seval Ocak Adıyaman
01 Февруари 2023•Ажурирај: 02 Февруари 2023
АНКАРА (АА)
Претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, осврнувајќи се на апликацијата на Шведска за членство во НАТО, рече дека Туркије нема да даде зелено светло за зачленување на Шведска во Алијансата сѐ додека оттаму дозволуваат палење на Куранот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган ова го истакна на редовниот состанок на парламентарната група на АК Партијата во Анкара.
„Сѐ додека дозволувате палење, кинење на мојата света книга, Куранот, ние нема да кажеме „да“ за вашиот влез во НАТО“, нагласи Ердоган.
Осврнувајќи се на Финска, Ердоган рече: „Нашиот став е позитивен за Финска, но не е позитивен за Шведска.“
Во петокот, екстремно десничарскиот данско-шведски политичар Расмус Палудан запали примерок од Куранот пред џамија во Данска.
Исламофобичниот чин дојде неколку дена откако Палудан запали копија од Куранот пред Турската амбасада во Шведска за време на протестот одобрен од полицијата.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО во мај минатата година, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари 2022 година.
Но Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, изрази приговори, обвинувајќи ги двете земји дека толерираат, па дури и поддржуваат терористички групи, вклучително и терористичката организација ПКК и ФЕТО, групата која стои зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Туркије.
Минатиот јуни, Туркије и двете нордиски земји потпишаа Меморандум на Самитот на НАТО за решавање на легитимната безбедносна загриженост на Анкара, отворајќи го патот за нивното конечно зачленување во Алијансата.
Шведска и Финска се согласија да не им даваат поддршка на ЈПГ/ПЈД и ФЕТО, да ги спречат сите активности на терористичките групи, да ги екстрадираат осомничените за тероризам, да донесат нови закони за казнување на терористичките злосторства и да не спроведуваат ембарго за оружје меѓу трите земји.