АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган му се заблагодари денес на боливискиот претседател Хуан Ево Моралес поради поддршката која Боливија ја дава за Палестина и го пофали пристапот на оваа латиноамериканска држава за проблемот со Голанската Висорамнина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Боливија на поддршката за Палестина, посебно поради поддршката за заштита на правниот статус на Ерусалим (Кудс) и поради поддршката на палестинските цивили", рече Ердоган на прес-конференцијата по состанокот со претседателот на Боливија, Ево Моралес, кој престојува во официјална посета на Турција.
Ердоган рече и дека на состанокот разговарале за регионални и глобални прашања и за загриженоста поради јакнење на крајната левица и тенденциите против исламот кои се во пораст.
Моралес изрази подготвеност за подобрување на односите со Турција.
„Верувам дека тоа можеме да го постигнеме бидејќи делиме исти идеи", истакна тој.
Моралес ги критикуваше Соединетите Американски Држави „поради именување на претседателот на Венецуела" и го отрфли нивниот потег.
„Именувањето на претседателот денес е како именувањето на гувернери во времето на колонизацијата", рече Моралес.
Во јануари опозицискиот лидер Хуан Гваидо се прогласи за привремен претседател на Венецуела што САД го поддржаа, како и многумина европски и латиноамерикански држави.
Поздравувајќи го Ставот на Турција кон кризата во Венецуела, боливискиот претседател рече:
„Добро ја познавам венецуелската држава, нејзината Влада и луѓето... Тоа е земја која ја брани својата независност и суверенитетот и покрај буџетските проблеми. Затоа ги поддржуваме."
Моралес ги повика граѓаните на земјите на Латинска Америка да отфрлат било каква воена интервенција без оглед на нејзината идеологија.
Исто така, истакна дека Боливија гледа шанса за подобра соработка со Турција во одбранбената индустрија.
„Потребна ни е соработка во областа на одбраната, посебно во борбата против криумчарење оружје. Сакаме да пренесуваме знаење и да купуваме технологија, да соработуваме со војската, тоа ни е потребно", рече Моралес.
Тој исто така изрази задоволство поради плановите на Турција да воведе директни летови за Боливија во првиот квартал од 2020 година. Говорот го заклучи со фактот дека турските телевизиски серии и „Туркиш Ерлајнс" (Turkish Airlines) се исклучително популарни во Боливија.