Cüneyt Karadağ
02 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
БЕРЛИН (АА) - Портпаролот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, рече дека ако Русија и Соединетите Американски Држави (САД) имаат право да влезат во Сирија, тогаш тоа право го има и Турција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во интервју за германски „Дер шпигел“, Калин рече дека проблемите на Турција во односите со Европската Унија би можело да се надминат и дека тоа се различни мислења што се случуваат меѓу сојузниците.
„Поминавме потензични периоди во односите со Германија, но ги оставивме зад себе“, рече Калин.
Потсетувајќи дека САД и Турција соработуваат во борбата против тероризмот, Калин порача дека САД одвреме-навреме не ги земаат предвид потребите на Турција, наведувајќи го примерот за пружањето поддршка на ЈПГ, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, што го оцени за неприфатливо.
Калин додаде дека американскиот претседател Џо Бајден не сфаќа дека огранокот на ПКК во Сирија, Турција го доживува како национална закана.
„Уште едно проблематично прашање меѓу двете земји е слободното движење на организацијата на Ѓулен во САД. Оваа ситуација предизвикува прашалници и негативно влијае на односите меѓу сојузниците“, рече Калин.
Истакнувајќи дека Турција е силна членка на НАТО и безусловно лојална на Сојузот, Калин рече дека Турција придонела во многу мисии на НАТО.
„Сакаме да го видиме НАТО како силен сојуз. Проблемите меѓу земјите членки не би требало да го ослабат НАТО“, истакна Калин.
Тој одговори на прашањето за тоа каква улога би сакала Турција да има во Авганистан во иднина.
„Сакаме да пружиме поддршка на авганистанската влада за повторно отворање на аеродромот. Во врска со тоа, со Катар започнати се технички консултации“, рече Калин, додавајќи: „Разговараме со талибанците за проблемите што постоеја пред да дојдат на власт, како што се економската ситуација, безбедносните прашања, заштитата на границата и миграциите. Начинот на кој Американците ја напуштија земјата создаде голем хаос. Очекуваме талибанците да формираат посеопфатна влада. Неодамна објавената влада не ги исполни очекувањата на меѓународната заедница. Но, мора да бидеме реални во поглед на нашите очекувања.“
Говорејќи за Сирија, Калин рече дека некои нејзини европски пријатели ја критикуваат Турција поради распоредувањето трупи во таа земја.
„Меѓутоа, треба да им одговара. Ги држиме луѓето во подрачјата што ги контролираме. Само затоа што турските војници се во Идлиб, 2,5 милиони луѓе не бегаат од регионот. Нашите пријатели на Запад се однесуваат како да сме окупаторска сила. Никогаш не сме претендирале за сириската територија. Меѓутоа, моравме да го преземеме овој чекор заради сопствената и безбедноста на Сиријците во регионот. Наместо благодарност, се соочуваме со санкции. Зошто? Затоа што го оштетивме присуството на ПКК таму“, порача Калин.
Негирајќи ги обвинувањата дека Турција го прекршила меѓународното право во Сирија, Калин заклучи:
„Асад (Башар ал Асад заб. ав.) и ПКК се тие што го прекршија меѓународното право. Дали овие два проблеми се решени? Па зошто фокусот сега е на Турција? Имаме право на самоодбрана. Ако на Русија и САД им е дадено право да влезат во Сирија, тогаш тоа право го имаме и ние.“